ВМРО-ДПМНЕ: СДС молчеше при влез на пари во Еуростандард од Венецуела која беше под меѓународни санкции
ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение ја обвини СДСМ за ширење манипулации во врска со случајот со „Алта банка“, правејќи споредба со работењето на „Еуростандард банка“ и обвинувајќи ја претходната власт за пропусти поврзани со прилив на пари од Венецуела.

Од партијата тврдат дека во 2019 година, во периодот кога Венецуела била под меѓународни санкции, во фирми блиски до семејството Заеви биле префрлени 110 милиони евра. Според нивните наводи, средствата минувале преку нерезидентни сметки на фирми регистрирани во Скопје, а дел од трансакциите биле реализирани и преку руски банки.
ВМРО-ДПМНЕ наведува дека фирмите оствариле добивка од речиси 13 милиони евра поради неплатени кредити, на штета на другите штедачи во банката. Како пример ја посочуваат „Сара инженеринг“ од Струмица, за која тврдат дека била во сопственост на Вице Заев, а сега нејзин директор е Стојан Коциров, член на Централниот одбор на СДСМ. Во соопштението се наведува и дека фирмата има долг кон Управата за јавни приходи за нецелосно платени даноци.
Во однос на „Алта банка“, од ВМРО-ДПМНЕ велат дека надлежните институции транспарентно ги информирале граѓаните и работат на решавање на случајот. Се повикуваат и на изјава на гувернерот дека банката е ликвидна, додавајќи дека Народната банка има законска можност да назначи привремени управители кои ќе го контролираат работењето, продажбата на акции и имотот, како и одливот на средства во странство.
Според ВМРО-ДПМНЕ, целта на овие мерки е да се зачува имотот на банката додека не се најдат купувачи за акциите и да се заштитат интересите на граѓаните.
Од партијата упатија и обвинувања кон лидерот на СДСМ Венко Филипче и други партиски функционери, наведувајќи дека нивните постапки во врска со „Алта банка“ треба да бидат предмет на одговорност согласно член 315 од Кривичниот законик.






