До каде оди политичката неодговорност?
Трифун Костовски
На 5 јуни 2026 година, по повеќегодишна истрага и обемна доказна постапка, ОЈО ГОКК ја запре истрагата против мене и Еуростандард банка за кривичното дело перење пари. Во официјалната Наредба јасно стои дека во дејствијата што ми беа ставени на товар, мене и на Еуростандард банка, не се остварени елементите на тоа кривично дело…

Тоа не е мое мислење, тоа е официјален акт на надлежното Обвинителство чија истрага траеше полни 6 години..И покрај тоа, денес Бране Петрушевски и ВМРО-ДПМНЕ повторно ја ставаат Еуростандард банка во контекст на „испрани пари“ и 110 милиони евра од Венецуела.
Затоа јавно прашувам:
СО КОЕ ПРАВО?
Со кое право, по завршена истрага на надлежното Обвинителство, повторно му лепите криминална етикета на моето име и на Еуростандард банка?
Политичката функција не е дозвола за нарушување на туѓиот углед, партиската говорница не е судница, а политичката пресметка не смее да се води со конструкции кои државните институции веќе ги провериле.
Ако ВМРО-ДПМНЕ сака политичка пресметка со СДСМ, тогаш има многу посуштинско прашање кое треба да го постави:
Зошто тогашната власт и институциите во 2020 година не се обидоа да најдат заедничко решение со Еуростандард банка, со механизми какви што денес се применуваат за Алта банка?
Зошто тогаш немаше време, зошто немаше администрација, зошто немаше обид банката да продолжи со работа и зошто немаше шанса за нов инвеститор кој беше на повидок?
Тоа се политички прашање кои треба да ги поставите, а не да го користите моето име за нови сомнежи околу ,,перењето пари” , откако надлежното Обвинителство ја запрело токму таа истрага. Повеќе од шест години моето име и името на Еуростандард банка се влечат низ јавноста во негативен контекст. Не бегам од одговорност ниту некогаш сум бегал. Ако сум виновен за нешто нека го докаже судот, но истото го барам и за сите други затоа што не сум над законот. Но исто толку не сум ни под законот. Имам право на чест, имам право на достоинство и на вистината, утврдена во институциите за да не биде избришана со една политичка прес-конференција.
Затоа, од Бране Петрушевски очекувам две работи, јавно да ја повлече изјавата со која Еуростандард банка ја поврзува со испрани пари и јавно да ми се извини за нанесената штета врз мојата чест и углед. Тоа не е политичко барање туку минимум лична и јавна одговорност, согласно законот за граѓанска одговорност, кога за некого ќе се изговори толку тешка квалификација.
Доста е! Моето име, моето семејство и Еуростандард банка не смеат повеќе да бидат бесплатно средство за политички други пресметки. Секој кој ќе ме поврзе со перење пари ќе мора да преземе одговорност за јавно изговорениот збор и клевета. Слободата на говор не е слобода на јавно изречена клевета, ниту политиката смее да биде посилна од фактите. Пред фактите и боговите молчат кога се работи за правна држава.
Јас продолжувам.






