Ревизори на ЕУ велат дека санкциите против Русија се ослабени поради пропусти во нивното спроведување

Трговските санкции на ЕУ против Русија не го постигнуваат својот полн потенцијал поради нејасни правила и нееднакво спроведување, соопшти Европскиот ревизорски суд (ЕЦА) во извештај објавен денеска.
– Трговските санкции на ЕУ ќе го остварат своето предвидено влијание доколку сите земји членки ги применуваат на единствен и координиран начин – изјави Михаилс Козловс, водечки автор на извештајот.
– Но нејасните правила и слабостите во спроведувањето го намалуваат влијанието на санкциите и го прават нивното заобиколување полесно – рече Козловс.
Трговските санкции се дел од надворешната политика на ЕУ, но нивната имплементација се потпира на националните царински органи, соопшти финансискиот надзорник на блокот.
ЕУ воведе 21 пакет санкции кон Москва од почетокот на нејзината инвазија врз Украина во февруари 2022 година, заедно со мерки за спречување на нивното заобиколување.
Заедно, „ова се најдалекусежните рестриктивни мерки за кои ЕУ кога било се договорила“, соопшти ЕЦА.
Санкциите значително ја намалија трговијата со Русија, но заобиколувањето останува проблем, констатира извештајот. Царинското законодавство и правилата за санкции користат поинаква и понекогаш нејасна терминологија, што резултира со различни толкувања од страна на националните власти.
– Ова создава можности за „форум шопинг“ каде што бизнисите намерно избираат земји членки каде што контролите се помалку строги, со што се отвора патот за заобиколување – наведува ЕЦА.
Извештајот повикува на појасни правила, ревизија на спроведувањето на санкциите, подобра размена на информации и посилен мониторинг. јт






