Ива Михаилова изнесе информации за наводно киднапирање на нејзината баба од страна на службите на РСМ. МВР тврди дека била задржана 2 часа и потоа си заминала

Ива Михаилова тврди дека нејзината баба, Илинка Кушовска, била киднапирана на граничниот премин кај Делчево при влез во Северна Македонија. Таа вели дека со часови не знаела каде се наоѓа баба ѝ и дека семејството сè уште нема добиено информации од македонските власти, објави ВЕСТИМАК.мк.
Според Михаилова, баба ѝ има речиси 70 години и се лекува од онколошко заболување. Таа тврди дека властите сакале да ја испрашуваат Кушовска за неа, бидејќи Михаилова се наоѓа во болница во Софија. Михаилова смета дека задржувањето на баба ѝ се користи за да се изврши притисок врз неа.
Михаилова наведува дека адвокатот на семејството побарал информации од Министерството за внатрешни работи, а дека бугарското дипломатско претставништво во Северна Македонија било итно известено
Министерството за внатрешни работи за „Скопје1“ потврди дека денеска, на граничниот премин Делчево, бил извршен службен разговор со бабата на Ива Михаилова, обвинета за сообраќајна несреќа со смртни последици, која избега во Бугарија. Од полицијата велат дека разговорот траел два часа и дека жената потоа непречено влегла во Македонија.
Одговорот на МВР следува по јавните обвинувања на Михаилова дека македонските служби незаконски ја задржале нејзината баба Илинка Кушовска, дека семејството со часови немало информации за нејзината местоположба и дека станува збор за „државен тероризам“.
„Постапувајќи по насоки на надлежен јавен обвинител, на граничниот премин Делчево, на 10.11.2026. во временскиот период од 11:20 до 13:20 часот, со наведеното лице е извршен службен разговор. По завршувањето на разговорот, лицето непречено остварило влез на територијата на РСМ“, одговорија од МВР за „Скопје1“. објави Скопје1.мк






