Утепа се, бато“: Митовски ги исмеа ВМРО-ДПМНЕ по реакцијата за кравите во Крива Паланка


Проблемот со кравите што неконтролирано се движат низ Крива Паланка предизвика нова политичка пресметка меѓу градоначалникот Сашко Митовски и локалниот огранок на ВМРО-ДПМНЕ. Откако опозициската партија го обвини дека ја префрла одговорноста на Владата, Митовски возврати со иронична објава на социјалните мрежи.

„Прес соопштение на ОК ВМРО-ДПМНЕ-Крива Паланка: Митовски да одговори: КОЈ ИМ ПОСАДИ ЗЕЛКА НА КРАВИТЕ ЗА РУЧЕК?!“, напиша градоначалникот, исмевајќи ги критиките на локалниот партиски комитет.

Тој додаде и коментар со кој ја продолжи иронијата.

„Има една кумановска народна ‘Утепа се Бато’. Е, тоа ти се овие од ВМРО во Паланка“, напиша Митовски.

Неговата реакција следува по соопштението на ОК ВМРО-ДПМНЕ Крива Паланка, во кое партијата го критикуваше барањето на градоначалникот Владата да прогласи кризна состојба поради неконтролираното движење на добитокот.

Од ВМРО-ДПМНЕ оценија дека Митовски се обидува реалниот проблем на граѓаните да го претвори во политичка тема и одговорноста да ја префрли на Владата и државните институции.

„Само да потсетиме дека овој проблем е децениски, СДС имаше апсолутна власт во Крива Паланка од 2017 до 2024, имаат градоначалник трет мандат по ред. Ако биле толку загрижени сите овие години ќе најделе начин да го решат проблемот“, наведоа од партијата.

Според нив, Владата и надлежните институции веќе презеле конкретни активности, при што досега биле одземени приближно 100 грла говеда.

„Барањето за кризна состојба потврдува дека општината и градоначалникот не се способни да го решат проблемот“, порачаа од локалниот комитет.

Од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека нема да бидат пречка за мерки што се во интерес на граѓаните, но бараат локалната самоуправа да преземе одговорност за обврските што произлегуваат од нејзините надлежности.

„Граѓаните не бараат политички препукувања и празни прес-конференции, ниту бараат оправдувања. Бараат безбедни улици, заштита на нивните имоти и конкретно решение на проблемот“, се наведува во партиската реакција.

Додека градоначалникот бара прогласување кризна состојба, а ВМРО-ДПМНЕ го обвинува за префрлање на одговорноста, проблемот со добитокот во Крива Паланка останува нерешен.

Back to top button
Close