Докторите не плачат

Иван Апостолов[i]

Висок, слаб, бујна коса што почнала почнала да му седи. Торакален хирург. Го поминал патот од болничар, хируршки помошник-гипсар, лекар до хирург специјалист. Извонредна брзина, вештина, прецизност, широка душа и племенитост. Искусен хирург и прекрасен  човек!

Го викав “мајсторе”, а тој мене “докторче.” Јас, млад почетник, во една тешка, одговорна професија, амбициозен, работлив, преосетлив, жалозлив, суетен…

Мајсторот за мене-господ!

Му го следев секој збор, секое движење, секој поглед. Сфатив дека хирургијата има многу финеси, суптилност, трикови, мајсторија, логика….Потребни се уште осет, храброст, процена, инстинкт…

За мене добар хирург има лавовско срце, кобрини рефлекси, магарешко трпение и племенита душа. Мојот мајстор имаше сѐ…и повеќе од тоа!

Сакаше музика. Често, дури и во тек на операција,  ја потпевнуваше познатата: “Чекала је мајка стара, свога сина, свог морнара”. Кога беа во прашање најтешки хирушки случаи, со голема доза на оптимизам, некогаш со шега, успеваше или барем се обидуваше, да им влее волја на болните и на хирушката екипа да издржат. Ќе ни речеше со насмевка:

“Докторите не плачат!”

Често ја поминуваше ноќта во Интензивна нега. Се случуваше да преспие во постелата до некој потежок или критично болен. Сите го сакавме и почитувавме. Од него многу научивме за хирургијата, печалевме опит и човештина.

Знаеше често да каже:

“Занаетот не се дава, занаетот се зема. Гледајте ме во рацете, тоа во книгите не го пишува! Хирургот треба да согорува под рефлекторот а не како касап што сече сланина за чварки! Секоја минута, секоја капка крв е важна за болниот, пазете да не ја изгуби!”

*

Шав….ножици…… шав….. кутор….. шав…. тач….. шав…..кутор….. шав…… кетгут….Побрзајте крвари…Пеан  поголем…..крвари…..кутор….. газа….. Добри сме…..газа пак, добро е.  Да здивнеме…Анестезија, како е кај вас? Добро е, добри сме…..Газа  пак, колку е притисокот? Требувајте две единици крв, една физиолошки раствор и декстроза…Додај една единица универзална плазма. Добро е, не крвари веќе. Пулс добар, полн, ритмичен…дишење ОК….Ќе го екстубирате ли?  Добар е, продишува спонтано…..Ставете го во интензивна, изгуби доста крв…Лабораторија итно….

И така секој ден, по неколкупати, дење и ноќе. До кога така? До бескрај, до крај, до кој крај?

Тоа лето, во август, половина од персоналот замина на одмор. Останатите имаа по десет дежурства од 24 часа.

Ќе мора да се издржи некако….

Сообраќајки меѓу докторите се редеа како по договор. Многу работа, стресови секојдневно…

Животот нема цена.  Може ли со еден збор да се опише пожртвованоста, преморот, исцрпеноста?

Чувствувам  болки во градите. Се погледнувам во огледало, не сум блед, зелен сум. Физички и емотивно исцрпен. Ми треба одмор. Како кога ме мачи несоница?  Збирам снага.

Докторите не плачат!

*

И во најтемниот порум  има малку видело….

Над белата маска, во крупните, уморни очи на младата инструментарка, забележувам некаква светлина додека брзо и вешто му ги додава инструментите на хирургот. Нешто мило, дискретно, нежно, сочувствително…

Во салата за операции, каде што во полна тишина се слуша само звецкањето на инструментите, во нивната неверојатна координираност има нешто повеќе од рутина. Во тој тивок склад таа му покажува разбирање, восхит и тивко признание. Не е љубов. Нешто повеќе од тоа е. Нешто што го тера мојот мајстор да издржи, да го даде најдоброто од себе, по секоја цена да спаси живот.

*

Пристигам во амфитеатарот на хируршката клиника. Ковчег поставен во средината. Човек во црн костум седи на столче до ковчегот. Лактите потпрени на колениците, лицето во шаките, очите затворени, солзите течат незапирливо. Мојот мајстор изгубил близок колега и пријател. Со него поминал многу време, заедно виделе сẻ во професијата.

Што има во тие солзи што е собрано во скоро половина век работа? Колку туѓи солзи има во нив?

Велат солзите се лек за душа, дали е така? Ги има секакви, од жалост, мака, тага но има  и радосници, никој не може да каже какви се.

Кај мојот мајстор сигурно имаше од сите.

 

 

[i] Иван Апостолов по професија е гинеколог-акушер

Back to top button
Close