Криминална организација во Солун шверцувала над 17 милиони цигари и незаконски се стекнала со 1,36 милиони евра
Во координирана акција на грчката полиција во северна Грција била разбиена криминална организација што се занимавала со шверц на цигари и тутунски производи, дистрибуирала над 17 милиони шверцувани цигари и незаконски се стекнала со 1,36 милиони евра, при што уапсени се пет лица, јави дописничката на МИА од Атина.
Од грчката полиција соопштија дека криминалната организација главно дејствувала во Солун, била активна најмалку од јули годинава, а при претресите извршени во станови, магацин и камион што бил целосно натоварен со шверцувани цигари, биле пронајдени и запленети 1.086 картонски кутии со по 500 кутии цигари, односно 543.000 пакувања, што се 10.860.000 цигари, како и 20.128 пакувања тутун, со вкупна тежина од нешто повеќе од еден тон.

Уапсени се пет лица, сите грчки државјани кои имале различни улоги во криминалната организација, а пак во предметот се вклучени уште шест лица, кои се веќе идентификувани,
– Според истрагата, вкупната количина шверцувани тутунски производи, што ги дистрибуирала криминалната организација изнесува 1.701 штеки, односно 850.500 пакувања цигари, кои содржеле вкупно 17.010.000 цигари. Очекуваната незаконска заработка на криминалната организација од дистрибуцијата на наведените количини изнесувала 1.360.800 евра, соопштија од грчката полиција.






