Путин: Целосно е неприфатливо распоредување странски трупи во Украина


Претседателот на Русија Владимир Путин, на средбата со американските специјални пратеници Стив Виткоф и Џаред Кушнер, наведе дека е „целосно неприфатливо“ распоредување странски војски на украинска територија и оти тоа би значело продолжување на војната.

– Европејците го знаат ова, но што слушаме? Дека по склучувањето на мирот, тие веднаш ќе распоредат трупи на украинска територија, наведе Путин.

Тој ја отфрли и можноста за создавање демилитаризирани зони долж линијата на фронтот.

Москва продолжува да инсистира на признавање на своите претензии кон четири украински региони – Донецк, Луганск, Запорожје и Херсон, кои во 2022 година ги прогласи за анектирани, иако Русија нема целосна контрола врз нив.

Путин исто така предложи привремен прекин на огнот за организирање хуманитарна операција во украинскиот град Константиновка во регионот Донецк, каде што се водат жестоки борби.

Виткоф и Кушнер ја повикаа Русија да им дозволи на европските земји да разговараат за прекин на војната.

Доколку избереме мултилатерален формат, можеме да продолжиме да напредуваме кон решавање на проблемите, истакна Кушнер.

Средбата во Кремљ следеше по дводневните директни разговори помеѓу Русија и Украина во Абу Даби, каде што двете страни се согласија за нова размена на воени заробеници.

Предвидено е Виткоф и Кушнер да отпатуваат во Даблин, каде ќе имаат средба со украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Back to top button
Close