Лавров: Постепено нè истиснуваат од Нафтената индустрија на Србија
Русија постепено го губи своето влијание во Нафтената индустрија на Србија (НИС), но и на светските енергетски пазари, изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, обвинувајќи ги САД дека се стремат кон глобална енергетска доминација.

Во интервју за руската новинска агенција ТАСС и телевизиската куќа ВГТРК, Лавров посочи дека Вашингтон ја спроведува политиката на преземање контрола врз енергетските пазари, наведувајќи ги како примери Венецуела и промените во сопственичката структура на НИС.
„Нè истиснуваат оттаму, нè истиснуваат од сите енергетски пазари“, изјави Лавров, коментирајќи ги американските активности во Венецуела.
Осврнувајќи се на српската нафтена компанија, тој рече дека НИС минува низ процес на преструктурирање, иако рускиот „Гаспром њефт“ е нејзин главен акционер.
НИС повеќе од една година е под американски санкции поради мнозинската руска сопственост. Во меѓувреме, Вашингтон секој месец ја продолжува лиценцата за продолжување на работењето на компанијата, како и рокот за завршување на преговорите меѓу унгарскиот МОЛ и рускиот сопственик на НИС.
На 30 октомври НИС соопшти дека американската Канцеларија за контрола на странски средства (ОФАК) ѝ ја продолжила оперативната лиценца до 11 декември.






