До кога?“ и „Правдата нема партиско знаме“ – пораки од протестот пред полицијата во Охрид од жените во СДСМ

„До кога?“ и „Правдата нема партиско знаме“ беа дел од пораките на транспарети на мирниот собир што вечерва се одржа пред Полициската станица во Охрид, по случајот со 26-годишната Сара Ѓорѓиеска, која се здоби со тешки повреди во инцидент што ја вознемири јавноста во Македонија.
Собирот беше организиран од Форумот на жени на СДСМ, но не ја доби поддршката од семејството на Сара. Нејзините родители побараа случајот да не се партизира и правдата да се бара преку надлежните институции.
Од Форумот на жени на СДСМ повикаа на одговорност и испратија порака дека насилството, прикривањето и заштитата на насилниците мора да престанат.
На собирот се обрати и Каја Шукова од СДСМ, која порача дека насилството врз жените и фемицидите се сериозен општествен проблем, за чие спречување е потребна поголема институционална одговорност.
„Се надеваме дека случајот со Сара ќе биде еден од последните вакви случаи, кои, за жал, се случуваат сè почесто во Македонија. Секој еден од нас, без разлика на својата припадност, треба да застане и да каже дека е доста. Стоп за насилството!“, порача Шукова.
Таа побара посериозна превенција, заштита на секоја жртва и институциите веднаш да реагираат на пријавите за семејно насилство. Шукова истакна и дека не смее да има политички влијанија во истрагите и судските постапки.






