Мрежата за заштита од дискриминација бара мораториум на протоколарни настани и итни институционални мерки за спречување на насилството врз жените и фемицидите

Мрежата за заштита од дискриминација бара мораториум на протоколарните настани и итни институционални мерки за спречување на насилството врз жените и фемицидите.

Повикот за поддршка е упатен и до меѓународната заедница, како и до жените од сите политички партии.

Во пресрет на глобалната кампања „16 дена активизам против родово базирано насилство упатувaат јавен повик до Владата, Собранието, надлежните институции, меѓународната заедница и сите политички чинители оваа година да го променат пристапот кон одбележувањето на кампањата.

„Во година во која се случија седум фемициди, сметаме дека е недозволиво институциите повторно да организираат конференции, свечености, панели и промотивни активности на кои ќе зборуваат за постигнатите успеси, додека жените продолжуваат да бидат убивани, дури и во случаи кога насилството претходно било пријавено.

Затоа, повикуваме на мораториум на сите протоколарни и промотивни настани во рамките на кампањата „16 дена активизам“ и бараме овие 16 дена да бидат искористени за конкретни политички одлуки, институционална одговорност и обезбедување средства за вистинска заштита на жените. Наместо осветлување на институциите во портокалово, бараме институциите да покажат дека ја разбираат сериозноста на состојбата преку конкретни дела, одлуки и преземање одговорност“ соопштија од Мрежата за заштита од дискриминација.

Имаат шест конкретни барања до институциите:

„1.Итно усвојување на измените на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, поднесени на 26 август во Собрание најдоцна до 10 декември 2026 година.

2.Финализирање и усвојување на пакетот измени на осум закони, за кои беше формирана работна група во Април 2026 година меѓу кои Законот за полиција и Законот за семејство кои треба да обезбедат поефикасна институционална заштита и подобра координација меѓу полицијата, социјалната заштита, правосудството и другите институции.

3.Обезбедување конкретни буџетски средства во Буџетот за 2027 година, вклучително и најмалку 200 милиони денари за специјализирани услуги за заштита и поддршка на жртвите на насилство и превентивни програми за третман на сторителите.

4.Усвојување и јавно објавување на заклучоците од собраниската надзорна расправа за родово базираното насилство, со конкретни институционални задолженија, рокови и механизми за следење.

5.Повлекување на регресивните измени во: законите за основно образование и учебници за основно и средно образование усвоени во април 2025, упатството за заштита од насилство во основно образование (усвоено јули 2025) и програмата за сексуално образование, со кои е ослабена заштитата од дискриминација, родовата еднаквост и превенцијата од родово базирано насилство, како и враќање на сексуалното образование.

6.Итно утврдување индивидуална и институционална одговорност за сите случаи на фемицид, вклучително и последниот случај со 17-годишната девојка од Богданци. Бараме независни проверки на постапувањето на надлежните институции и конкретни последици за утврдените пропусти“.

Со истите барања и со повик за конкретна поддршка се обратија и до амбасадите на развиените европски демократски држави во Македонија, Делегацијата на Европската Унија, агенциите на Обединетите нации, ОБСЕ и претставниците на меѓународната заедница.

„Од нив бараме да го искористат својот политички авторитет за да поттикнат исполнување на овие барања, јавно да ги поддржат, да побараат конкретни одговори од Владата и Собранието и да го следат напредокот во нивното спроведување. Меѓународната солидарност не треба да заврши со говори на конференции. Таа треба да се преточи во конкретна политичка поддршка за законски решенија и обезбедување одржливи услуги за заштита на жените“ стои во соопштението.

Back to top button
Close