Осум месеци затвор за потпалувачот на бугарските дипломатски возила, на амбасадата треба да ѝ плати околу 3.300 евра

Осум месеци затвор и укинување на притворот доби Игор Дашковски Стојановски обвинети за палење на дипломатските возила пред Бугарската амбасада. Со оглед на тоа што тој од јуни е во притвор, му останува уште некој месец во затвор и да ѝ плати на амбасадата околу 3.300 евра штета.

-Ве осудувам на казна затвор во траење од осум месеци согласно член 47 став 1 од кривичниот законик во изречената казна затвор се пресметува и времето поминато во притвор сметано од 15.06 2026 година – рече судијката.

Со оглед на тоа што тој призна вина, на судењето не се изведуваа докази и не се откри мотивот. Адвокатката на обвинетиот кажа дека е задоволна од пресудата.

Обвинетиот за палењето на двете дипломатски возила на бугарската амбасада во Скопје ја призна вината за делото што го стори на 15 јуни годинава.

– Се чувствувам виновен и во целост ја признавам вината. Сам одлучив – изјави обвинетиот пред судот.

Станува збор за 44-годишниот скопјанец, кој на 15 јуни 2026 година, околу 12:05 часот, запали две дипломатски возила паркирани пред Амбасадата на Република Бугарија, на улицата Митрополит Теодосиј Гологанов во Скопје.

Според информациите изнесени на рочиштето, обвинетиот во моментот на извршување на делото носел маица со ликот на Гоце Делчев.

На денот на инцидентот тој излегол од својот дом и со автобус пристигнал во центарот на Скопје. На бензинска пумпа на „Макпетрол“ во близина на амбасадата наполнил бензин во пластично шише, по што ја преминал улицата и се приближил до паркираните дипломатски возила. Ги полеал со бензин, ги запалил со запалка и веднаш го напуштил местото на настанот.

Опожарените возила ги користеле военото аташе на Бугарија и други вработени во дипломатското претставништво. Инцидентот предизвика реакции во јавноста, а полицијата истиот ден го идентификуваше и го приведе осомничениот.

Првично, Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка за кривичното дело Предизвикување општа опасност. По дополнителните сознанија предметот беше преземен од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, кое на 16 септември поднесе обвинителен акт за кривичното дело Загрозување лица под меѓународна заштита.

 

Back to top button
Close