Блокада и протест во Скопје против насилството врз жените
Со повик за правда за жртвите, одговорност од институциите и посилна заштита од насилство, во Скопје се најавени две граѓански акции – блокада пред Владата и протест во паркот „Жена борец“.

Првата акција ќе се одржи во петок, 20 ноември, во 13 часот, кога е планирана блокада на улицата „Илинденска“, пред зградата на Владата.
Пет дена подоцна, на 25 ноември, среда, со почеток во 17 часот, во паркот „Жена борец“ ќе се одржи протест под мотото „Ниту една повеќе“.
Организаторите бараат запирање на фемицидот и насилството, како и прекин на институционалната неодговорност. Од надлежните институции очекуваат конкретни постапки, а не нови ветувања.
„Доста беше од ветувања, молчење, молење и чекање. Бараме ОДГОВОРНОСТ, бараме ПРАВДА, бараме ПРАВА!“, порачуваат организаторите.
Со двете акции се упатува повик за поголема јавна поддршка во борбата против насилството врз жените и за преземање одговорност од институциите.






