Просечната нето-плата во септември изнесувала 49 141 денар


Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во септември годинава изнесувала 49 141 денар, објави Државниот завод за статистика (ДЗС). Во однос на истиот месец минатата година, според ДЗС, таа е повисока за 8,1 процент.

Според ДЗС, зголемувањето на просечната нето-плата пред сè се должи на повисоките исплатени плати во секторот снабдување со вода, отстранување на отпадни води, управување со отпад и дејности за санација на околината, каде што е забележан раст од 11,6 проценти.

Повисоки плати биле регистрирани и во секторот административни и помошни услужни дејности за 10,6 проценти, како и кај трговијата на големо и на мало, поправка на моторни возила и мотоцикли за 10 проценти.

Во споредба со август, зголемување на просечната месечна исплатена нето-плата е забележано во секторите рударство и вадење камен за 6 проценти, преработувачка индустрија за 3 проценти и кај јавна управа и одбрана и задолжително социјално осигурување за 2,5 проценти.

Според податоците од ДЗС, највисока плата во септември е исплатена во секторот информации и комуникации и таа изнесувала 88 787 денари. Потоа се финансиските дејности идејностите за осигурување со исплатена плата во висина од 64 809 денари, а на трето место се од секторот рударство и вадење камен, каде платата била 59 586 денари.

Извор: Државен завод за статистика
Во графиконот изготвен од ДЗС се забележува дека со најниска плата во септември биле во секторот објекти за сместување и сервисни дејности со храна каде примањата биле 35 447 денари.

Инаку, просечната бруто-плата по вработен во септември изнесувала 73 940 денари.

Back to top button
Close