АМСМ: Не тргнувајте на пат без зимска опрема

Сообраќајот на државните патишта во Македонија се одвива непречено, по наместа влажни коловози, а интензитетот на сообраќај надвор од градските средини е умерен, на граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата, информира Автомото сојузот на Македонија (АМСМ).
Возачите се предупредуваат на зголемена внимателност на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде постои можност од појава на одрони. Посебно внимание се препорачува на делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
На патниот правец Кичево – Охрид, поради градежни работи на повеќе делници, сообраќајот се одвива со девијации и поставена соодветна сигнализација. Изменет режим на сообраќај има и на делницата Калишта – Радожда, кај местото Елен Камен, каде возилата се пропуштаат наизменично по една сообраќајна лента.
Поради сезонскиот режим на сообраќај, од 17 ноември е затворен патниот правец Охрид – Ресен преку Националниот парк Галичица за сите видови возила.
Времен режим е воведен и на автопатот А2, на делницата Пресека – Песочан до клучката Арбиново, поради градежни работи и санација на коловозот. Работи се изведуваат и на мостот на реката Тајмишка, на патниот правец Гостивар – Кичево.
На автопатот А1, на делницата Гевгелија – граничниот премин Богородица, сообраќајот се пренасочува на спротивната страна од автопатот, каде возилата се движат во двете насоки поради градежни активности.
АМСМ потсетува дека од 15 ноември до 15 март е задолжително поседувањето зимска опрема во возилата, без оглед на моменталните временски услови.






