Кица Колбе: Со „Егејци“ го вратив семејството дома

ДВ: Вашиот роман „Егејци“ е објавен на македонски пред 27 години. Како го доживувате тоа што токму неговото објавување на грчки сега повторно го сврте вниманието кон книгата и во С. Македонија?

КК: Претпоставував дека грчкото издание ќе разбуди внимание кон заборавената книга „Егејци“, но ми се чини дека не се малкумина тие кои деновиве не ги интересира содржината на книгата, туку самиот факт што книга со таков наслов е објавена во Грција. Како чудо, како атракција, зашто на многумина не им се верува дека такво нешто е можно. Сега мојата книга за тие Македонци е еден вид сатисфакција. Од реакциите сфатив колку многу Македонците си посакуваат да бидат „видени„ од Грција, зашто долгиот спор за името ја повреди нивната гордост. Затоа, дали навистина вниманието е свртено кон мојата книга, ќе се види подоцна, кога ќе излезе од печат новото македонско издание.

ДВ: Зошто, според Вас, на „Егејци“ му беа потребни 27 години и едно грчко издание за повторно да биде откриен дома?

КК: Причината е латентниот амбивалентен однос кон егејската тема кај голем број Македонци, а тоа е стар феномен. Кај другите Македонци егејските приказни со времето станаа здодевни. Насловот на книгата често иритираше, па имаше и такви кои ми префрлуваа дека сум неблагодарна, бидејќи Егејците добиле сѐ. Книгата беше објавена 1999 во една од најстарите македонски издавачки куќи, „Култура”, но иако одлично се продаваше, во 2007 ми беше речено дека немаат интерес за второ издание. Да сум ја „носела мојата егејска приказна каде сакам”. Книгата тогаш веќе беше, а и уште е, стандардно дело за темата егзил и траума на студиите по компаративна книжевност на УКИМ, но во библиотеката на катедрата има со години само еден примерок, а студентите си го разменуваат. Со спорот за името со Грција сите Македонци се најдоа во положбата на Егејците, но, сепак, амбивалентноста кон Егејците остана, можеби затоа што беше длабоко во потсвесното. Денес многу „патриоти”, навидум се загрижени за Македонците во Грција, но само како тема за критика на Преспанскиот. Тие што немаа сочувство со Егејците, со кои живееја и ги познаваа, не верувам дека се искрено загрижени за Македонците во Грција, кои воопшто не ги познаваат.

Романот „Егејци“ на Кица Колбе. ноември 2026
Романот „Егејци“ е објавен на македонски пред 27 години. Во ноември 2026 година беше објавен преводот на грчки јазикФотографија: Privat

ДВ: Имаше ли нешто во реакциите во Атина што Ве изненади?

КК: Концентрацијата со која публиката во Атина слушаше за многу болни теми цели два и пол часа. Имаше луѓе од сите генерации. Преведувачката, професорката Александра Јоаниду, со која заедно сонувавме за овој превод цели 15 години, верува дека оваа книга може да стане поттик за идното помирување помеѓу Грците и Македонците. Истата надеж ја делат со нас и промоторите. Ги допре присутните Грци тоа што книгата е многу личен спис, сведоштво за една егејска фамилија. Јас сведочам за посебниот живот во егејското гето во кое пораснав, за посебната атмосфера во него, за тоа зошто моите роднини паметеа сѐ, а јас тоа го запаметив и го раскажав во оваа книга. Јас бев старо дете кое ги голташе приказните на бабите за животот во Грција. Книгата не е патриотска патетика за судбината на Егејците, туку можност со литературата да се доживее посебноста на егејскиот, на бегалскиот живот во Југославија. Во Атина реков дека мојата книга е полна со меланхолијата, но и со радоста позната од филмовите на Федерико Фелини.

Деца-бегалци од Грција во бегалски камп во Чехословачка. јуни 1948 година
Деца-бегалци од Грција во бегалски камп во Чехословачка. јуни 1948 годинаФотографија: CTK Photo/IMAGO

ДВ: Вашиот татко со години доаѓал до грчката граница со надеж дека ќе му дозволат да се врати во родниот крај, од каде што заминал оставајќи ја и својата мајка. Никогаш не успеал да се врати. Дали „Егејци“ беше Ваш начин симболично да го вратите дома?

КК: Да! Ја пишував книгата една година по неговата смрт во1996. Посакував еден ден да ја прочитаат Грците, зашто моите родители не ги мразеа ниту Грците, ниту Грција. Таму за нив беше нивното скапоцено дома! Со грчкиот превод, и татко ми и мајка ми и сите мои роднини се вратија симболично дома. Се вратија нивните словенски имиња, таму, каде што беа заборавени 70 години. За мене е утеха секој Грк и Гркинка кои ќе ја прочитаат тажната приказна за смртта на баба ми Кица и ќе сочувствуваат со неа. Тоа беше целта на мојата книга: да ја запишам нашата фамилијарна приказна и да ги вратам сите, симболично, во нивното дома. И за тоа зборував во Атина, а имав впечаток дека сите во публиката беа трогнати, и младите и постарите Грци.

ДВ: Во романот пишувате за луѓе кои се Македонци, а сепак често биле доживувани како туѓинци во Македонија. Зошто Егејците беа туѓинци меѓу Македонците? Со какви стереотипи се соочуваа Егејците што дојдоа во тогашна Југославија?

КК: Моите роднини во Грција не го знаеја името „Егејци”. Кога роднините по мајка во 1948 ја преминаа границата кај Преспа, а југословенските војници ги качија во камиони кон Битола, децата од преспанските села трчале по нив, извикувајќи „Егејци”. Моите роднини се чуделе кому му довикуваат. Името Егејци тогаш било остаток од паролите на КПЈ, употребувани во текот на Граѓанската војна, за обединување на Вардарците, Пиринците и Егејците. Со договорот на Југославија за пријателство со Грција во 1948, по Информбирото и расцепот со Сталин, кога Тито доби помош од западните Сојузници, се бараше да се табуизира приказната на Егејците во Југославија. Во тоа време уште траеше Граѓанската војна. Тоа табу направило Егејците да станат сомнителни дури и за другите Македонци. Затоа го избрав овој наслов. Не поради Грците, туку поради тие со кои растев во Скопје, ама не ги интересираше многу нашата егејска приказна. Патем, некои од тие, кои порано во нас гледаа туѓинци, денес глумат големи патриоти и борци за „егејската кауза”. 

ДВ: Дали тие предрасуди со текот на времето исчезнаа или дел од нив ги препознавате и денес?

Мислам дека тие во помала мера се живи и денес.

Припадници на Грчката народноослободителна армија (ЕЛАС) во 1944 година
Припадници на Грчката народноослободителна армија (ЕЛАС) во 1944 годинаФотографија: World History Archive/IMAGO

ДВ: Велите дека околу Грчката граѓанска војна долго постоело табу од двете страни на границата. За што се молчеше во Македонија, а за што во Грција?

КК: Во Македонија се молчеше за вмешаноста на Југославија во Граѓанската војна. Со оружје, кампови за обука и болници за ранети во НРМ. Табу беше планот на Тито и Ѓорги Димитров да се обединат сите три дела од Македонија во голема балканска федерација, заедно со Бугарија, Грција и Албанија, но под водство на Југославија. Во Грција е уште табу учеството на „Славо-Македонците” во Граѓанската војна, иако се вели дека на крајот на војната половината партизани биле Македонци. Табу е во Грција судбината на бегалците како моите родители. Особено во времето на Хунтата тие исчезнаа од официјалниот историски наратив на Грција. Се прашувам, кои се тогаш бегалците од Граѓанската војна, на кои законот од 1982 им забрани да се вратат во Грција, зашто не се Грци по род? Доколку сите во Грција се Грци, тој параграф бил бесмислен од првиот миг. Но тој покажува дека сите знаат кои се „проколнатите”, иако не се осмелуваат да зборуваат за нив. Со сето тоа претстои да се соочат граѓаните и во Грција и во С.Македонија. Секој со својата премолчена историја.

ДВ: Може ли книжевноста да отвори простор за разговор за нешта за кои историографијата и политиката сè уште тешко разговараат?

КК: Може! За тоа сведочи германската литература по Втората светска војна. Соочувањето со минатото во Германија почна со литературата и со филозофијата, со книгите на Теодор В. Адорно, со романите на Гинтер Грас и на Хајнрих Бел. Дури подоцна беа потпишани договорите за пријателство со Полска. Грчкиот историчар Леонидас Емберикос, кој одлично ја познава историјата на македонското прашање, рече на промоцијата во Атина за „Егејци”: „Ваква книга немаше досега во Грција!„ На тоа одговорив дека немаше ниту во Македонија. А немаше да ја напишам, да не живеам 45 години во Германија! Урнекот го најдов во германската литература и филозофија, пред сѐ, во делата на Адорно.

Заробени припадници на партизанските единици на ЕЛАС во близина на Солун. февруари 1948 година
Заробени припадници на партизанските единици на ЕЛАС во близина на Солун. февруари 1948 годинаФотографија: AP Photo/picture alliance

ДВ: Вашето семејство потекнува од Бапчор. Што остана денес од семејното наследство таму?

КК: Ништо! Само црквата Св.Ѓорги и урантините од селското школо. Бапчор е голема гробница на едно големо македонско село на Вичо планина. Тоа место денес за грчките политичари е симбол за победата врз „комунистичките бандити”. Од повеќе од 400 големи камени куќи нема трага. Ги уништи природната стихија, но и потрагата на селаните од соседните села по скриено богатство во темелите на куќите. Но мајка ми ги спаси песните од нејзината младост во Бапчор, како пеачка во групата „Бапчорки”. Таа велеше дека песните се нејзиното дома.

ДВ:„Егејци“ го напишавте пред 27 години. Тогаш бевте инспирирани од смртта на вашиот татко кој никогаш по бегството од Грција не успеа повторно да го види својот роден крај. Ако денес повторно седнете да ја напишете истата книга, по сè што се случи во меѓувреме меѓу Македонија и Грција, дали тоа би била истата книга?

КК: Секако, не би била! Всушност, за грчкото издание го преработував и го дополнував ракописот од 1997 цели две години. Ми беше многу тешко да се соочам со оригиналниот ракопис, бидејќи ги разбуди во мене сите болни моменти од последните три месеци од животот на татко ми. Затоа што не доби можност да отпатува во Грција, да го побара гробот на баба ми и да ја посети празната куќа во Овчарани, тој пред смртта пред наши очи се простуваше од мајка си, од домот во Овчарани, од своето детство во него, од Леринското поле, по кое толку копнееше. Секоја ноќ татко ми беше на патот на бегалците низ Леринското поле! Тоа што не му го дозволи реалноста, татко ми го стори во сонот. Тој беше голем сонувач и раскажувач. Новото издание на „Егејци” е збогатено со нови сознанија за траумата од војната и за нејзиното пренесување на идните генерации. Освен тоа, има пет нови поглавја.

Back to top button
Close