Студентите не го сакаат новиот ваучерски модел за студентски оброк, мнозинството е за задржување на платежните картички
Зголемување на субвенционираниот студентски оброк од сегашните 140 на околу 180 денари дневно бара Националното студентско тело, повикувајќи се на резултатите од онлајн анкета во која учествувале околу 7.000 студенти.

Според објавените резултати, 97 проценти од анкетираните го поддржуваат зголемувањето на месечниот износ на 4.500 денари, додека 79,5 проценти се изјасниле за задржување на постојниот модел со платежни картички.
Претседателката на Националното студентско тело, Ангела Василевска, рече дека приоритет треба да биде веднаш да се зголеми износот на оброкот, наместо вниманието да биде насочено кон новиот ваучерски модел што Владата планира да го воведе од октомври 2027 година.
Таа тврди дека три години не се спроведува законската обврска за годишно усогласување на износот со инфлацијата и дека студентите не можат да обезбедат соодветен оброк со сегашните 140 денари дневно.
Од Националното студентско тело најавија дека резултатите од анкетата и барањата ќе ги достават до Министерството за образование и наука, од кое ќе очекуваат одговор во рок од две недели. Доколку барањата не бидат прифатени, Василевска најави дека студентите ќе излезат на протест.






