360-(ВИДЕО) Угинати крави близу водоводот – може ли кривопаланечката криза да ескалира во здравствена

Стадото крави што го забележавме северно од Крива Паланка, на падините кај селото Добровница е само дел од стотиците грла добиток што со години неконтролирано се движат во Кривопаланечко. Во близина немаше човек. Само звуците на природата.
Малку погоре, во атарот на селото Добровница го запознавме земјоделецот Славчо Велиновски кој одгледува зелка.
Вели дека кравите и годинава му влегле во нивата и направиле пустош, како лани. Трпи големи штети од проблемот што трае со децении, но ескалирал последните години.
„Ние во последните четири-пет години имаме претрпено огромни штети. Меѓутоа последните две години, откако сопственик на добитокот е Агенцијата за храна и ветеринарство, ние имаме огромни штети. Јас лично имам штета над три и пол милиони денари за две години. Оваа година имам над 15 тони произведено, меѓутоа само за свои потреби отприлика 300 килограми успеав да исечам. За три дена и три ноќи беше уништено“,вели Славчо Велиновски – земјоделец од Добровница.
Славчо Велиновски – земјоделец од Добровница / Фото: „360 степени“
Утрото кога снимавме во нивата не начекавме крави. Но, тоа му се случи на новинар од Србија што исто така го интервјуирал Велиновски.
Фото: Принтскирн
„Бараме стоката да се собере. Да не ни прави понатаму штети. Луѓето го напуштија сопствениот имот бидејќи сè што ќе посадат ќе биде уништено“,
вели Велиновски.
Нивата со зелка на Славчо Велиновски / Фото: „360 степени“
Дознавме и за друг земјоделец на кого кравите му прават зулум. На пат кон неговиот имот кај селото Дурачка Река, повторно забележавме крави. По пат видовме и стадо коњи за кои мештаните исто така ни кажаа дека се движат неконтролирано.
Јужно од Крива Паланка, на околу 1 100 метри надморска височина на Осоговските Планини, е имотот на Душко Митоски. Тој тука со сопругата и синот одгледуваат кози, но и градинарски култури.
„Секојдневно имаме проблем. Ноќе они до 12 некаде го пазат местото да не направат штета. По 12 јас станувам, јас го бранам поседот на кој садиме и одгледуваме компир, грав, зелка. Да ги набркаш, да не направат штета. Јавувавме во полиција. Полицијата ништо не презема. Бев во АХВ, прашував за штета, не биле надлежни за тоа. За необележана крава кого ќе судиш. Нема ингеренции – чив е добитокот“,рече Душко Митоски – земјоделец од Дурачка Река.
Вели дека на неговиот имот кравите доѓаат во последните шест-седум години, а претходно проблем имале други села. Штетите ги брои во илјадници евра и бара решение од надлежните.
„Животните не се виновни. Институциите се виновни. Тоа е пуштено на милост и немилост. Борба за храна. Од овде некој го мава во другото село, па во другото село и така. Борба за храна. Да се преземат кравите или да се вдомат. Да се дадат на некое население, што немаат добиток, социјално што користат. Да се вдомат кравите. А некои што се диви, нека ги земе АХВ, нека ги заколе и да се заврши проблемот“,
вели Митоски.
„Треба државата прво да си го реши проблемот зашто ние сме луѓе што не можеме тоа да го направиме. Ние сме обично население што од тоа ништо не можеме да направиме“,
додаде неговиот син, Филип Митоски.
Снимки од говеда што се движат во урбана средина последниве неколку недели почнаа да објавуваат и светските медиуми.
Дента кога ние снимавме не забележавме крави по улиците на Крива Паланка. Сепак, граѓаните со кои поразговаравме велат дека често ги гледаат.
„Доаѓаат кога се гладни, навечер на корзо прошетуваат. Само, мирни крави се. Не се од тие дивите за кои се зборува. Немаат што да јадат и одат по бавчи, прават штета. Нормално, луѓето имаат проблеми.“
„Па да, сме ги виделе, шетаат, доаѓаат, сега моментално ги нема. Инаку, доаѓаат, тука се.“
„Па сите се надеваме дека ќе се реши. Секако мора да се реши. Не може ова да трае бесконечно.“
Некои кривопаланчани гледаат поинаку на проблемот.
„Искрено, понекогаш имаме повеќе проблем со луѓето отколку со кравите“,рече жителка на Крива Паланка.
Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, ни покажа фотографии од угинат добиток во реки и долови, но и во близина на градската водоводна инфраструктура. Вели дека може да се случат сериозни последици по јавното здравје.
„Ние во изминатите години имавме многу случаеви каде што во непосредна близина на главните извори, на главната водоводна линија која се наоѓа на Калин Камен да имаме угинати животни кои што, на некој начин се и причина за безбедноста, односно за здравјето на граѓаните и населението“,вели Митовски.
Минатата недела тој присуствуваше на состанок во Министерството за земјоделство на кој имало претставници на повеќе институции. Се разговарало за акциски план предложен од Агенцијата за храна и ветеринарство за решавање на проблемот со добитокот.
Планот како информација во вторникот е усвоен на седница на Владата со конкретни задолженија за институциите.
Градоначалникот, во видеоизјава на неговиот фејсбук-профил, рече дека најавените протести се ставаат во мирување.
„Останувам внимателен и на дневна основа ќе ги следам исполнувањето на сите предвидени активности и заклучоци од акцискиот план. Бидејќи во документите од информацијата и заклучоците од Влада немаме прецизни рокови за почеток и завршување на акцијата, останува и отворено прашањето за говедата коишто сѐ уште немаат ушни маркици и правосилни решенија за одземање“,изјави Сашко Митовски – градоначалник на Крива Паланка.
Од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) за „360 степени“ велат дека ќе продолжи координацијата со сите вклучени институции за преземање на дефинираните активности во акцискиот план. Покрај АХВ вклучени ќе бидат и Агенција за управување одземен имот, Дирекција за заштита и спасување и Министерство за внатрешни работи.
„Активностите ќе се преземаат во рамки на законските надлежности на секоја институција, согласно условите на терен, водејќи сметка за заштитата на здравјето на луѓето и благосостојбата на животните“,
велат од Агенција за храна и ветеринарство.
Приказната со кравите што слободно шетаат низ Кривопаланечко стана важна национална вест во последните година-две. Можеби нема подобра илустрација за проблемот од снимките во кои инспектори од Агенцијата за храна и ветеринарство се обидуваат да ги заловат животните, а поранешните сопственици – семејството Ѓорѓиевски, ги попречува.
Низ годините имаше серија физички пресметки меѓу семејството и луѓето што си ги бранеле своите имоти од кравите.
По последниот случај од минатата недела, таткото и две од трите ќерки се осомничени дека физички нападнале 67-годишна жена од кривопаланечкото село Дрење, која се здобила со скршеница на левата нога.
„Тогаш ние бевме нападнати од поранешниот сопственик, и физички и вербално и со закани. За тоа има и снимки што излегоа во јавноста. Меѓутоа, институцијата АХВ не постапува, за што мислам дека треба да постапи и Обвинителството“,
смета Славчо Велиновски – земјоделец од Добровница.
Се обидовме да го контактираме таткото, Гоце Ѓорѓиевски, но тој не одговори на нашите телефонски повици и СМС-пораки.
Дел од кравите, тие со ушни маркички, сега се формално на државата – откако Агенцијата за храна и ветеринарство ги одзеде од семејството Ѓорѓиевски. Но има и такви без маркички – крави веројатно родени во дивина. Општината и кривопаланчани очекуваат дека ќе се реши проблемот со сите говеда кои шетаат слободно, независно кому му припаѓаат.
Дотогаш, тие ќе бидат главна туристичка атракција, но и секојдневна главоболка за жителите на овој крај.






