Хутите ја напаѓаат саудиската енергетска инфраструктура, коалицијата предводена од Саудиска Арабија атакува на Сана и Ходеида


Саудиска Арабија и јеменските бунтовници денеска продолжија со меѓусебните напади. Во воздушните нападите врз саудиската провинција Џазан погодена е и нафтената рафинерија во сопственост на саудиската компанија „Сауди Арамко“ во градот Џазан, при што загина еден вработен од Непал, а неколкумина се повредени.

Рафинеријата во Џазан прекина со работа бидејќи по нападот изби пожар во рафинеријата, што по извесен период беше изгаснат.

Рафинеријата во Џазан, се наоѓа во југозападниот дел на Саудиска Арабија, во близина на границата со Јемен, и има капацитет за преработка на до 400.000 барели сурова нафта дневно.

Саудиското военовоздухопловство изврши напади врз главниот град на Јемен Сана и пристанишниот град Ходеида, кои се под контрола на Хутите. При нападот врз Ходеида, како што тврди саудиската армија, уништен лансирен систем за балистички ракети, што бил употребен од Хутите во денешниот напад врз рафинеријата во Џазан.

Коалицијата предводена од Саудиска Арабија и вчера изврши напади врз пристаништето Ходеида, една од главните влезни точки за стока во областите под контрола на Хутите. Додека Хутите возвратија со напади врз две саудиски пристаништа на Црвеното Море.

Хутите вчера презедоа одговорноста за нападите врз Рас Танура, каде што се наоѓа најголемата рафинерија за нафта во Саудиска Арабија и главен терминал за извоз на сурова нафта, а исто така ги нападнаа и пристаништата во Џеда и во Џазан на Црвеното Море.

Коалицијата предводена од Ријад соопшти дека пресретнала четири беспилотни летала над Рас Танура, додека системите за противвоздушна одбрана уништиле уште едно беспилотно летало во близина на пристаништето Џеда.

Хутите, кои ги контролираат најгусто населените региони во Јемен, вклучително и главниот град Сана, извршуваат напади со ракети и беспилотни летала врз саудиски аеродроми, нафтени постројки и административни згради. Нападите помеѓу Хутите и Саудиска Арабија повторно се интензивираа, поттикнати од ескалацијата на конфликтот меѓу САД и Иран

Back to top button
Close