Бакојани тврди дека лично го напишала заклучокот од Букурешт со кој Македонија остана без покана за НАТО


Поранешната грчка министерка за надворешни работи Дора Бакојани тврди дека на самитот на НАТО во Букурешт во април 2008 година лично го напишала текстот со кој сојузниците ја условија поканата за членство на Македонија со решение на спорот за името. Во извадок од нејзината автобиографија „Една жена“, објавен во викенд-изданието на грчкиот весник „Та неа“, Бакојани раскажува како формулацијата што ја предложила Атина станала заеднички став на Алијансата.

Според нејзиното сведоштво, кон крајот на самитот ѝ пришол американски маринец и тивко ѝ пренел порака од државната секретарка на САД, Кондолиза Рајс, со молба Бакојани да го напише текстот за Македонија. Таа го напишала и му го подала на грчкиот премиер Костас Караманлис, кој седел до неа. Караманлис се согласил со содржината, но ја прашал дали навистина мисли дека сојузниците ќе ја прифатат. Маринецот потоа ѝ го однел листот на Рајс. Таа го прочитала и со климање на главата ѝ дала знак дека се согласува, пишува Бакојани.

Телефонски разговор со Рајс и средба со Груевски
Само неколку дена претходно, на 29 март 2008 година, Бакојани била во Љубљана на состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ. Германскиот министер Франк-Валтер Штајнмаер ја предупредил дека ќе ѝ се јави Рајс и дека е лута. Кога од Стејт департментот го најавиле повикот, Бакојани повикала тројца соработници да присуствуваат и да водат белешки. Според нејзината верзија, Рајс побарала Атина да го прифати приемот на Македонија под привремената референца „поранешна југословенска Република Македонија“. За администрацијата на претседателот Џорџ В. Буш, проширувањето на Алијансата било приоритет.

Дора Бакојани
Бакојани пишува дека уште во јули 2007 година со Караманлис се договориле Грција да прифати сложено име со географска одредница за севкупна употреба. Притоа инсистирале спорот да се реши пред Македонија да добие покана за НАТО. Колку силен притисок очекувала покажува и прашањето што, како што раскажува, пред самитот насамо му го поставила на Караманлис – дали има нешто, дури и од неговиот приватен живот, со што би можеле да го уценуваат. Тој ѝ одговорил дека нема.

Во книгата опишува и средба со тогашниот македонски премиер Никола Груевски, на собир на Европската народна партија во март 2008 година. Ја вбројува меѓу најнепријатните средби што ги имала. Според неа, Груевски во текот на целиот разговор гледал во своите чевли и ниту еднаш не го кренал погледот. Неколку дена подоцна, на 17 март, посредникот на ОН Метју Нимиц во Виена им претставил на преговарачите повеќе предлози за името. Бакојани пишува дека дел од нив биле прифатливи за Атина, а дека македонската страна ги одбила со образложение дека веќе биле разгледувани и отфрлани во претходните преговори.

Од Букурешт до членството во НАТО
Во декларацијата од Букурешт од 3 април 2008 година, сојузниците се согласија Македонија да добие покана штом ќе се постигне заемно прифатливо решение за името. Во декември 2011 година, по тужба од македонската страна, Меѓународниот суд на правдата во Хаг утврди дека Грција, противејќи се на приемот на земјата во НАТО, ја прекршила обврската од член 11 став 1 од Привремената спогодба од 1995 година. Одлуката од Букурешт остана во сила и по пресудата.

Поканата за пристапни преговори стигна во јули 2018 година, по потпишувањето на Преспанскиот договор. На 27 март 2020 година Северна Македонија стана 30. членка на НАТО.

Инаку, до 2007 година Грција ја почитуваше Привремената спогодба и велеше дека ќе прифати членство на земјава во НАТО или под привременото име или со решен спор. Впрочем, Грција се согласи земјава во декември 2005 година да добие кандидатски статус за ЕУ под привременото име. Првите сигнали за промена на грчката позиција стигнаа летото 2007 година од прес-конференциите на портпаролот на грчкото МНР, Јоргос Кумуцакос, откако претходно во ноември 2006 година Општина Центар отпочна процедура за поставување споменик на Александар Македонски на централниот плоштад во главниот град, во декември 2006 г. владата на Никола Груевски донесе одлука да го преименува аеродромот кај Скопје во „Александар Велики“, а во март 2007 г. беа поставени антички скулптури пред зградата на Владата.

Back to top button
Close