Законски (не)културен хаос

Некако при крај, но никако како последен по важност – напротив – во низата клучни сегменти во културата што со години чекаат сериозни реформи односно трансформации, логично се наметнува долгогодишниот проблем на непочитувањето на законската регулатива во културата. Ваквиот исчекор денес, или барем утре, во насоката на безрезервното почитување и решителната имплементација на актуелните прописи во културата веројатно би значел сигнал дека оваа држава, ова Министерство, конечно се однесува сериозно. И овде најмалку мислам само на итната потреба од измени и дополнувања на постојните или подготовка на целосно нови закони таму кадешто е веќе констатирана неопходноста, туку уште повеќе принципиелното придржување и спроведување на регулативата во дело. Зашто, ако токму државниот орган надлежен за работите во културата не ги почитува законите коишто самиот ги донел и за чиешто спроведување само тој е надлежен, тогаш како и зошто истите закони би биле почитувани од другите субјекти во културата? Или, и овде (ќе) важи правило: државата/државните органи можат да ги кршат законите, но граѓаните – не?
Премногу секојдневни примери говорат во прилог на ваквото постапување од страна на Министерството за култура во блиското или подалечното минато и за посочување на сите такви примери би требала цела книга. Но, доволни се само најактуелните. На пример, во заштитата на културното наследство како, нели, приоритетна област на оваа Влада. Последниот скандал со мозаиците во Св. Софија во Охрид – а многупати досега констатираме дека криминалните состојби во овој град веќе се парадигма за состојбите во целата држава – убиствено сведочи, прво, за тоталното отсуство на стручност и професионалност на институциите, и второ – директно и индиректно – за комплетното непочитување на законската регулатива во оваа област. Ако за првото се каже дека директорката на надлежната институција за заштита во Охрид е социолог, дали е тоа доволно за да се долови сликата за стручноста и компетентноста на таа институција? И дека таму, денес, дали има еден вработен историчар на уметност? Доволно е, иако акцентот овде е на нешто друго. А тоа друго е дека таа таканаречена надлежна институција Завод и музеј Охрид е хибридна и – целосно илегална институција! Зошто? Затоа што законодавецот (токму Министерството за култура) уште во 2004 година, во Законот за заштита на културното наследство, предвидел одвојување на ваквите „ни риба ни девојка“ институции, и тоа на заводи (односно конзерваторски центри) и музеи. И рекол дека токму тој „Завод за заштита на спомениците на културата и Народен музеј во Охрид, продолжува со работа како Конзерваторски центар-Охрид, со надлежност за подрачјето на општините Охрид, Дебарца, Струга и Вевчани“, и тоа „ без работниците кои остануваат во музеите како самостојни јавни установи за заштита“, додека пак „ Музеите (…) продолжуваат со работа како национални установи за заштита, до утврдување на нивниот статус согласно со закон“. Плус, многу оптимистички, законодавецот зацртал дека оваа трансформација на овие установи ќе се заврши во рок од шест (6) месеци од донесувањето на тој закон! И сега, ако знаете дека оваа логична и законски заснована поделба на овие институции на конзерваторски центри и музеи не е извршена ни после шеснаесет (16) години од донесувањето на законот, треба некаков коментар? И кој тоа, и зошто, и со какви мотиви, противзаконски односно целосно илегално ги финансира овие институции – плати, материјални трошоци, програмски средства… ? Има некој одговор на ова прашање или одговорот е стандарден: дека државните органи не се баш должни да ги почитуваат законите што самите ги пишуваат и предлагаат?! Да, ама кога ќе настапат вакви штети? Покрај Охрид, идентичен е случајот со уште четири вакви институции: во Битола, Штип, Струмица и Прилеп, коишто, барем законски – не постојат! Ама работат, сосе плати, материјални трошоци, програмски средства…
Овде, од друга страна, државниот орган надлежен за работите во културата, а со него и претходната Влада, не можат да се „вадат“ дека не знаеле за проблемот, дека тој се провлекувал толку години незабележан од никого итн. Такви самоамнестии, во коишто ние просто уживаме, во случајов не важат зашто овој проблем, како сериозен и актуелен, беше апострофиран во сите материјали од областа на заштитата на културното наследство во единствената „реформска“ година во културата: јуни 2017 до јуни 2018. Проблемот особено беше потенциран во двата клучни материјали: Елаборатот за функционирањето на музеите во Македонија и Елаборатот за состојбите во заштитата на недвижното културно наследство во Македонија! Меѓутоа, и од тоа – ништо. Е за такви службени промашувања амнестија – нема. Ова пак особено се однесува на онаа фамозна (и очигледно никому потребна!) Управа за заштита на културното наследство каде цели три години никој со прст не мрда за конечно решавање (и) на овој проблем. Впрочем, таа и таква Управа – со други директори, а во времето на криминалнана банда – беше и главниот кочничар и узурпатор на состојбите во заштитата, (и не само таму), ги „виткаше“ законите како што им требаше на градежните апетити на криминалецон во Будимпешта и неговата „културна“ секретарка Канческа, упропасти се’ што можеше да се упропасти… ама истиот филм продолжи и после 2017 година, само со други луѓе и малку видоизменети сценарија (иако голем дел од започнатите „филмови“ овие успешно ги завршија!). Апропо, сосема идентична е приказната и со новоизградените „музеи“ од времето на злосторничкото здружение, коишто исто така се во голем дел целосно незаконски односно илегални институции. Но, за тоа во следната прилика!
Оттука, ако владите на една држава во континуитет од 16 години не ги почитуваат законите што ги донеле, ако државниот орган надлежен за работите во културата не ги почитува законите што самиот ги подготвил/предложил, ако „главната“ институција во една област – во случајов во заштитата на културното наследство – викана некакваси Управа се однесува како за неа да неа важат законите на оваа држава… што очекувате да ви се случува (не само) во таа област? Малку се и мозаиците во Св. Софија (коишто некој „стручњак“ ги суредил а другите „стручњаци“ ништо не гледале), малку е и едно Курбиново (коешто, очигледно, сите полека го отпишуваат ама тој грев некој дебело ќе го плати!), малку ни е и заборавениот Аквадукт кај Скопје… (Апропо, зошто никој не прашува кои се тие „стручни“ луѓе во Министерството за култура кои овие години се грижат за заштитата на културното наследство?)!






