АА: Да се почитуваат резултатите од конкурсот за контролори на летање од данската компанија

Контролата на летање е сектор исклучително погоден од корупција на високо ниво, каде што се испреплетени финансиските интереси на највисоките владини функционери, велат од Алијанса за Албанците
Класичен случај на непотизам и институционална корупција со непредвидливи последици по човечки животи се обидите да се поништи конкурсот за контролори за летање во М-НАВ само затоа што не се избрани активистите и децата на партиските функционери од власта, реагираат од Алијанса за Албанците.

Станува збор за конкурс за обука на кандидати за контролори за летање во М-НАВ, на којшто во селекцијата биле избрани осум од 250 апликанти. За изборот на кандидати беше задолжена „Гејт авиејшн тренинг“ – лиценцирана фирма од Данска, меѓутоа иако селекцијата заврши обуката не е почната. Како што вчера објави порталот „Сакам да кажам“, тројцата членови на управниот одбор на М-НАВ, на чело со претседателот Фахрудин Хамиди, сакаат да го пропаднат огласот бидејќи меѓу осумте кандидати што го положиле испитот и биле селектирани за обуката од страна на данската фирма, не се децата на членовите на УО и на функционери од ДУИ кои конкурирале.

„Контролата на летање е сектор исклучително погоден од корупција на високо ниво, каде што се испреплетени финансиските интереси на највисоките владини функционери. Поранешниот Генерален секретар на Владата, Рашковски, беше фатен како мести тендери за опрема за воздушна контрола со средства од ЕБОР, но, случајот се уште не најде судски епилог, како и повеќето случаи на корупција на високо ниво во земјава“,

се наведува во реакцијата на Алијанса за Албанците.
Со цел да се избегне каква било можна трагедија, велат од АА, и да се гарантираат обврските на С Македонија во рамките на меѓународниот систем за управување со воздушниот сообраќај, од партијата ги повикуваат надзорните тела на М-НАВ да го спроведат изборот направен од данската компанија за обука.

„И веднаш да ги забранат злоупотребите во сектор со висока чуствителност коишто ги загрозуваат животите на патниците кои го користат скопскиот аеродром, без разлика на нивното државјанство и потекло“,

повикуваат од партијата.
Претседателот на Струковиот синдикат на контролори за летање (ССКЛ), Александар Тасевски денеска порача целосно да се спроведе конкурсот за контролори на летање во М-НАВ – давателот на услуги на воздухопловна навигација.

Тој потврди дека бидејќи сè уште не е почната обуката на најдобрите кандидати, вчера до менаџментот на М-НАВ е доставено писмо со кое раководните лица од пониско ниво – помошници директори, раководители на сектори, главни инструктори, експерти, побарале да бидат разрешени. Станува збор за лица кои се вклучиле во процесот на избор, за да бидат набљудувачи со цел да се изберат квалитетни кандидати.

Тасевски вели дека веќе имале разговори со раководството на М-НАВ од кое побарале да почне обуката на избраните кандидати и укажале на последиците доколку таа не биде спроведена.
Националниот давател на услуги за воздухопловна навигација, М-НАВ пак тврди дека постапката за избор на кандидати за обука за контролори за летање се одвива нормално според акцискиот план, како и дека Управниот одбор не ја оспорува селекцијата на кандидати.

„Не се точни тврдењата и шпекулациите дека ние како институција не им веруваме на данските експерти, напротив имаме одлична соработка со нив и нивното меѓународно реноме. Исто така, не се точни тврдењата дека Управниот одбор има дадено изјава дека го оспорува изборот на 8-те кандидати или дека кандидатите не се вистинскиот избор, напротив процесот не е едноставен и се спроведува според акцискиот план на М-НАВ“, велат од М-НАВ во демантот за обвинувањата од Струковиот синдикат на контролори за летање (ССКЛ).

Back to top button
Close