АДЛ: Расте бројот на антисемитски инциденти во САД
Антисемитските инциденти во САД се зголемени за околу 400 отсто откако палестинската милитантна група Хамас го нападна Израел на 7 октомври, се наведува во соопштението на Лига против клеветата (Anti-Defamation League).
Во периодот од 7 до 23 октомври за 388 проценти се зголемени антисемитските инциденти во САД во споредба со истиот период минатата година. Во тој период, според истражувањето на АДЛ, биле пријавени 312 антисемитски инциденти, од кои 190 биле директно поврзани со војната помеѓу Израел и Хамас.
Меѓу примерите наведени од АДЛ се – физички напади, насилни онлајн пораки, особено на Телеграм, и собири „со експлицитна или силна имплицитна поддршка за Хамас и/или насилство врз Евреите“.
Антисемитизмот веќе беше во пораст во САД пред војната, со речиси 3.700 инциденти пријавени минатата година, повеќе од која било година откако АДЛ почна да го следи проблемот во 1979 година.