Адвокат се обидел да ја запали матичната Комора оти времено му ја одзела лиценцата – се бара со меѓународна потерница
Надлежните органи во земјава распишаа меѓународна потерница по осомничениот кој на 25 ноември со умисла се обиде да ги запали просториите на Адвокатската комора, подметнувајќи пожар со коцки керозин и плинска запалка на скалите во зградата каде е сместена Комората.
Станува збор за адвокатот Александар Ристески, кому неколку недели пред настанот му била одземена лиценцата од страна на Комората поради дисциплински прекршок.
Меѓународната потерница е објавена на веб-страницата на Министерството за внатрешни работи (МВР), која како што е наведено е распишана по наредба на Основното јавно обвинителство Скопје.
Пријавата за прекршокот на Ристески, како што објави ТВ Телма, во Адвокатската комора ја поднеле од Центарот за социјални работи во Свети Николе, од каде се жалеле дека адвокатот нападнал и им се заканувал на службеници на Центарот во врска со случај што го водел тој.
Службениците, како што рекле од Адвокатската комора за телевизијата, биле повикани како сведоци и нивните изјави документирани, по што дисциплинскиот суд на Комората, која е независно тело, донел одлука за одземање на адвокатската лиценца на Ристески на три години.
Тој, велат од Комората, иако има право, не поднел жалба на одлуката на дисциплинскиот суд.
Основното јавно обвинителство Скопје вчера соопшти дека отворило истрага против 41-годишен скопјанец за намерно предизвикување пожар во зградата каде што се сместени просториите на Адвокатската комора, а во кој е предизвикана материјална штета во износ од околу 150 000 евра.
Според Обвинителството, осомничениот се гони за кривичното дело тешки дела против општата сигурност.
„На 25 ноември осомничениот со умисла подметнал пожар во просториите на Адвокатската комора на РСМ на улицата ‘Методија Шаторов Шарло’, предизвикувајќи на тој начин значителна опасност за животот и телото на луѓето и за имотот од поголеми размери“, соопштија вчера од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.
Како што информираа оттаму, тој за пирот се подготвил една недела претходно, кога набавил секира со гумирана рачка, плинска запалка, заштитни ракавици и 48 коцки за потпалување со керозин.
На 25 ноември со своето возило дошол во близина на зградата каде што се сместени просториите на Адвокатската комора во Општина Аеродром и маскиран со „фантомка“ со секирата ја скршил влезната врата. Потоа на скалите ги наредил коцките керозин, врз нив ставил повеќе плински боци и ги запалил.
По ова не губел време и, според истрагата, само триесетина минути по настанот со возилото ја напуштил државата, преку граничниот премин „Блаце“.
Од Обвинителството соопштија дека бараат на осомничениот да му биде одреден притвор, кој ќе започне да се применува по неговото пронаоѓање и апсење.