Аксиос: Можно е Израел и Либан вечерва да објават примирје


Примирје меѓу Израел и Либан може да биде објавено вечерва, напиша новинарот на „Аксиос“, Барак Равид, во објава на Икс, повикувајќи се на израелски безбедносен извор.

Либанскиот претседател Џозеф Аун денеска телефонски разговараше со американскиот претседател Доналд Трамп, што е нивен прв официјален контакт откако Аун ја презеде функцијата, изјавија двајца либански функционери за британските медиуми.

Претходно, агенциите објавија дека либанскиот претседател не сакал да разговара со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, што би им нанело удар на напорите на САД за проширување на комуникацијата меѓу непријателските земји, додека Пакистан тврди дека мирот во Либан е клучен за завршување на војната во Иран.

Американско-израелската војна против Иран се прелеа во Либан на 2 март кога проиранската милиција Хезболах отвори оган врз Израел во поддршка на Техеран, што доведе до израелска офанзива во Либан само 15 месеци по последниот голем конфликт.

„Мирот во Либан е клучен за мировните преговори (во Иран)“, изјави портпаролот на пакистанското Министерство за надворешни работи, Тахир Андраби.

Израелскиот кабинет за безбедност се состана доцна синоќа за да разговара за евентуално примирје во Либан.

Американскиот претседател Доналд Трамп на својата платформа за социјални медиуми Truth Social изјави доцна синоќа дека се обидува да создаде „мал простор за дишење“ меѓу Израел и Либан, додавајќи дека нивните лидери не разговарале околу 34 години и дека „тоа ќе се случи утре“.

Но, тројца либански функционери денеска изјавија за Ројтерс дека претседателот Џозеф Аун нема да разговара со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху по телефон во блиска иднина.

Аун претходно за време на војната изјави дека ќе биде отворен за директни преговори, но дека ставот на Либан е дека на преговорите треба да им претходи договор за прекин на огнот. Денеска тој во изјава рече дека примирјето ќе биде „природна влезна точка за директни преговори“ со Израел

Back to top button
Close