Активни на коронавирус во Скопје има 1.837 лица, трицифрен е бројот во осум општини
Нови 164 случаи со потврден вирус КОВИД-19 од 1.612 тестирања беа евидентирани во вчерашниот билтен на Министерството за здравство по изминати 24 часа. Починаа пет пациенти, од кои најмладиот на 35-годишна возраст од Скопје, кој се лекувал во ГОБ „8 Септември“. Од крајот на февруари, кога почна епидемијата во земјава, вирусот е потврден кај вкупно 8.786 лица, а биле направени 83.216 тестирања. Оздравеле 4.676, починале 406, а активни случаи има 3.704.
Од новите позитивни на коронавирусот, 59 се во Скопје, а ново жариште со 23 новодијагностицирани е Свети Николе. Пораст на заразаени во вториот бран на епидемијата има и во Дебар, каде што се регистрирани 18 нови случаи. Во Штип има 17 нови, 12 во Куманово. Во десет општини се бележат помалку од десет нови позитивни на коронавирусот: девет во Гостивар, шест во Тетово, Кичево и Струга, по двајца во Кавадарци и Пробиштип и по еден новозаразен во Прилеп, Битола, Демир Хисар и Ресен.
Активни случаи во Скопје има 1.837, од кои 284 се во Чаир, 202 во Гази Баба, 171 во Аеродром, 151 во Центар, 146 во Карпош, 139 во Бутел, 123 во Кисела Вода, 116 во Сарај, 113 во Ѓорче Петров. Меѓу општините во скопскиот регион, трицифрен број на активни има Студеничани (109).
Од градовите со трицифрени активни случаи, најмногу (295) има во Тетово, следуваат Куманово и Штип (226 и 213), а потоа Гостивар со 177, Струга со 169, Свети Николе со 164, Охрид со 114 и Дебар со 110 лица кои сега се болни.
Со 18-те новозаразени, Дебар бележи нов негативен рекорд односно третпат двоцифрен број во втората фаза на епидемијата – на 10 јули имаше 17 и, претходно, на 20 јуни беа регистрирани, исто така, 18 случаи.
Во втората фаза на епидемијата во Дебар, општината во која беше прогласена кризна состојба во март, има над двапати поголем број заразени отколку во првата фаза односно 121 случај повеќе. Во првата фаза имаше 51 заболен. Втората фаза почна на 5 јуни кога, по точно педесет дена, на тоа подрачје се врати коронавирусот.
Со новите во вчерашниот здравствен билтен, од почетокот на епидемијата во Дебар се потврдени вкупно 172. Оздравени се 57, починале пет (од нив четворица во првата фаза), а активни болни има 110.
Општинскиот оперативен штаб на Дебар вчера попладне на седница оцени дека епидемиолошката состојба е сериозна и по анализата констатираше дека заштитната маска, физичката дистанца и дезинфекцијата на рацете не се доволни за прекинување на синџирот на инфекцијата.
-Бараме од Главниот кризен штаб да се преземат поригорозни превентивни мерки што ќе бидат во директна корелација со состојбата во општина Дебар. Апелираме до граѓаните да се придржуваат кон мерките за заштита и да не ја занемаруваат ситуацијата, се заклучоците на Штабот.
Во Свети Николе, пак, каде што има 23 нови заразени, а 164 активни, до понеделник ќе бидат затворени фабриките „Мода“ и „Кемтекс“. Од досегашниот скрининг во двете конфекции, кај 45 работници е потврдена заразата со коронавирусот, кои 15 се откриени пред масовното тестирање направено со одлука на раководството на двете конфекции.
-Добро е што од нашите две фабрики 80 отсто од позитивните случаи се асимптоматски. Доколку не го направевме скринигот, заразата ќе се ширела во погоните. Одлуката што ја донесовме за скрининг е добра и во моментов чекаме резултати за 90 работници, изјави директорот Ангел Димитров.
Од Центарот за јавно здравје во Тетово соопштија дека коронавирусот подолг период го има не само во кластери, туку има широкораспространета трансмисија, иако деновиве во Тетовско бројот на заболени се намалува.
Во вчерашниот билтен беа регистрирани шест новозаразени, а пред еден месец (17 јуни) во Тетовско имаше 19. Минатиот петок (10 јули), кога бројот на позитивни во земјава беше највисок досега (205), во оваа општина беа регистрирани 13 заразени. Во Тетово досега вирусот е потврден кај 906 лица, а активни се 295.
Коронавирусот вчера ја затвори Општина Радовиш откако е потврден позитивен тест кај еден вработен. Градоначалникот Герасим Конзулов изјави дека се дезинфицира општинската зграда, викендов ќе ја следат состојбата и дополнително ќе информираат дали ќе работат од понеделник.
Според евиденцијата на Министерството за здравство, од почетокот на епидемијата во земјава, во Радовиш има 15 потврдени случаи на КОВИД-19, од кои 11 се активни.