Албанија на 15 октомври го отвора првото поглавје и се разделува од Северна Македонија на патот кон ЕУ

Амбасадорите на земјите членки на Европската Унија денеска во Брисел едногласно одлучија Албанија да ги продолжи преговорите за полноправно членство во ЕУ, објави вечерва Бугарското национално радио БНР.

Следната меѓувладина конференција ЕУ – Албанија треба да се случи на 15 октомври во Луксембург, кога е предвидено да се отвори првото поглавје – Темелни вредности.

Тоа, констатира БНР, во пракса значи одвојуање на Албанија од Северна Македонија во процесот на пристапни преговори со Европската Унија. Двете држави во јули 2022 година ги одржаа првите меѓувладини конференции, по што го почнаа процесот на скрининг.

Во меѓувреме, Албанија беше блокирана од Грција поради притворањето на Фреди Белерис, етнички Грк, за предизборен поткуп, кој потоа беше избран за градоначалник на Химара, а албанските власти не му дозволуваа да положи заклетва. Белерис беше осуден на две години затвор, а на почетокот на септември беше ослободен откако одлежа две третини од казната. Тоа беше доволна причина за Грција да се согласи со продолжување на преговорите за членство на Албанија во ЕУ.

Како што јавуваат други бугарски медиуми, на состанокот на дневен ред воопшто не била ставена темата за продолжување на преговорите со Северна Македонија. Тоа е очекуван исход со оглед дека земјава не ги внесе Бугарите во Уставот, што според договореното од јули 2022 г. е услов за одржување на втора меѓувладина конференција.

Грција нотирала оти ги решила споровите со Албанија и затоа паднала одлуката да се продолжат преговорите со официјална Тирана.

Претставници на ЕУ многупати досега посочуваа дека Албанија и Северна Македонија се во ист пакет на свнојот европски пат, но тоа ќе се смени на 15 октомври.

Back to top button
Close