Албанија почна со поставување интелигентни камери во училиштат
Албанскиот премиер, Еди Рама, објави дека првите 20 училишта во Тирана, се опремени со интелигентни камери, како дел од процесот насочен кон зајакнување на безбедноста во образовните институции низ целата земја.

Наведува дека одлуката за модернизација на безбедносните системи во училиштата е поврзана со „обврска што ја презел по сериозната трагедија што се случи во училиште во Тирана, каде што малолетник го загуби животот по тепачка со свои врсници”.
-Претходните системи на камери немаа доволна технологија за навреме да го сигнализираат настанот. Паметните камери навремено ги алармираат училишните директори, безбедносниот персонал и самата државна полиција во секој случај, нагласува тој.
Рама вели дека „Smart City” ќе биде инсталиран во секое училиште.
-Кога ужасна трагедија во едно училиште во Тирана го запре здивот на цела Албанија, камерите не можеа доволно да ни помогнат да ја разбереме динамиката на тој настан. Тогаш се обврзав, дека ќе ја доведеме Албанија до највисоко ниво на технологија за да ја зајакнеме безбедноста во училиштата како никогаш досега. Денеска, оваа обврска почна да станува реалност, посочува Рама.
Дообјаснува дека овие камери сигнализираат во реално време до дирекцијата, безбедносните службеници или самата државна полиција, помагајќи им брзо да го фатат сигналот, многу подобро да разберат што се случува и да интервенираат без да губат време.
-Овие 20 училишта се само авангарда на процесот. Ќе ја направиме обврската, преземена по таа трагедија, реалност училиште по училиште, со технологија во служба на човештвото и безбедноста на децата пред сè, рече Рама.
Вчера Министерството за образование објави ново упатство со кое во сите училишта, основни и средни, се утврдува училишниот кодекс на облекување, забраната за употреба на мобилни телефони, забраната за нездрава храна и засилени безбедносни мерки






