Алчни и бесрамни, додека се моли за лек и леб
Автор Биљана Секуловска
Дали некој некогаш воопшто слушнал за некаква Коалиција за застапување на правата на лицата со хендикеп „Менуваме“? Се разбира дека не, кого го интересираат луѓе кои се борат за правата на лицата со попреченост, за луѓе кои живеат не на работ, туку одамна се паднати во бездна, луѓе кои умираат без никој да дознае, некогаш, кога и да е.
Овие луѓе не постојат, избришани се од мапата на земјава, умираат без да се знае дека воопшто живееле. Само во последниот период имало седум смртни случаи на лица кои останаале без негуватели“, алармира Суарет Алишан од Коалицијата „Менуваме“.Ништо не значи ниту нивната загриженост дека со ребалансот на буџетот нема да бидат обезбедени доволно средства за социјална заштита до крајот на годината.
Слушнал ли некој за страдањата на онколошките пациенти? Кого го интересираат овие луѓе? Деновиве ја добив оваа порака: “Почитувана Биљана, би Ве замолил да го актуелизирате проблемот со недостатокот на повеке од 10 дена на хормонска терапија (ампули Gloserelin od 10,8mg) на Клиниката за онкологија во Скопје, а ниту на Клиника, ниту од Фондот не даваат информација кога би ја добиле, а не смее да се прекине.”
Има ли потешка порака од оваа, кога ве замолуваат, кога ви се заблагодаруваат ако сте објавиле нечија мака и страдање, затоа што само така можете да помогнете, со вашата професија, која единствено е вредна само кога ќе успеете да се испие лекот, да се преживее барем до следниот ден, да се надеваат луѓето дека и другите ќе станат луѓе, особено оние кои треба да им служат, а всушност сѐ прават од нивната милост да зависат животите на болните, страдалниците, сиромашните, обесправените.
Тие луѓе кои кои се отфрлени од сите и секого, тие се нашиот вистински идентитет. Показател на оние кои сеат магла и бесрамност за вистинскиот патриотизам и љубовта кон оваа земја, која се срами кого сѐ крепи. Тогаш кога големите македонски патриоти се чукаат во гради за вековната борба додека не биле покосени, прашајте ги за вистинските битки и борби на луѓето кои немаат лекови, егзистенција, на кои им е одземено достоинството, животот. За тие луѓе само вреди да се бориме и да менуваме власти.
Само за нив потсетувајте ги властите секогаш, кога се колнат во идентитетот, додека алчно и бесрамно ги грабаат управните и надзорните одбори, платите од илјадници евра, огромните привилегии кои сами си ги гласаат, за подоцна да нема никаква контрола, ниту казнивост. Затоа што сите останати молчат и ја вртат главата, чекајќи ги трошките и удопствата, макар биле мизерни и бедни, важно е нешто да се приграби и зграби, до следната власт, додека не се проживее и преживее животецот.
Но, тогаш кога ќе дојдеме сите во ситуација да молиме за лек и леб, тогаш ќе биде премногу доцна. А така завршува приказната кога се молчи за другите кои бараат помош и права. Еден ден ќе дојде до нас молкот од другите, и за нас да замолчат. Тогаш веќе не вреди нашиот глас, кога веќе претходно сами сме си го одзеле.






