Голем пожар избувна на депонијата „Мелци“ кај Кавадарци

Голем пожар избувна на депонијата „Мелци“ кај Кавадарци, каде што во моментов се интервенира со ангажман на поголем број екипи од ТППЕ Кавадарци – соопшти попладнево кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев на Фејсбук.
– Според првичните информации од терен, постојат индиции дека пожарот е предизвикан од човечки фактор. Надлежните служби ќе ги утврдуваат околностите за неговото настанување – информираше градоначалникот.
Тој истакна дека противпожарните екипи се на терен и активно работат на ставање на пожарот под контрола и спречување на неговото понатамошно ширење.
– Општина Кавадарци ја следи состојбата, а екипите ќе останат ангажирани до целосно локализирање на пожарот. Апел до граѓаните да не се приближуваат до местото на пожарот и да ги почитуваат упатствата на надлежните служби – порача Јанчев.






