Алијанса за Албанците бара од Меџити да ја запре еколошката катастрофа на Кожуф
Алијанса за Албанците најостро реагира на, како што го нарекоа, „невидено уништување на животната средина“ на планината Кожуф, каде е предвидена изградба на две хидроцентрали на реката Дошница.
Од АА остри критики упатија кон министерот за животна средина, Изет Меџити, кого го обвинија за молк и „неприфатливо однесување“.
Од Алијансата предупредуваат дека оваа активност сериозно го загрозува биодиверзитетот и еко-системот во регионот и го поткопува квалитетот на животот на локалното население.
Ова не е само прашање на животна средина, додаваат од партијата, туку и национално и социјално правно прашање.
„Кожув не е приватна сопственост за бизнис интереси – тој е заедничко богатство на граѓаните и мора да се заштити од секоја закана. Алијансата за Албанците ќе продолжи одговорно и целосно ангажирано да ја следи оваа тема и ќе бара одговорност од секој службеник што ги штети интересите на граѓаните и животната средина“, велат од АА.