АЛИ МАКЕДОНСКИ
За волја на вистината, Бугарија, а ЕУ пак уште помалку, ни е крива што ние дома не се однесуваме европски. Зошто треба да влеземе во ЕУ за да ги почитуваме законите што веќе сме ги донеле по европски стандарди? Од нас зависи сè што нема врска со бугарското вето. Особено од нас зависи посветена борба против корупција, и тоа на секое рамниште – од Влада, Собрание, државни фирми, агенции и институции, преку судови, обвинителства и инспекции до општински администрации и претпријатија. Кој ни брани да се однесуваме европски?
Според последната анкета на јавното мислење што ја објави Институтот за демократија „Социетас цивилис“, на прашањето „За која партија би гласале“, 26 проценти од испитаниците одговориле дека не би гласале и уште 26 проценти рекле дека не знаат или одбиваат да дадат одговор. Вкупно 52 проценти.
Најчестите одговори на испитаниците биле дека сите политичари си работат за личните интереси – 42 отсто од нив немаат никаква доверба во партиите.
Тоа значи дека половина од граѓанството не сакаат со очи да ги видат партиите. Пола народ сака некоја друга кафеана. Што имате денес на менито? СДСМ, ВМРО, ДУИ, малку прилог од страна Левица, Алијанса, Алтернатива… Исто ко вчера. Нејќам! Ајде да бараме друга кафеана.
И ние утре треба да гласаме за овие во кои немаме доверба!? За да ни овозможат општество во кое довербата кон судиите и обвинителите е на 2,7 проценти. Најголема доверба од 5,1 проценти граѓаните имаат во верските заедници. Кога судството и обвинителството не испорачуваат правда, луѓето си викаат, ај може Господ нема да ме зафркне.
Но, да бидеме спокојни. Јазикот е бетон. Откако лидерот на ДУИ Али Ахмети по повод 24 Мај, Денот на сесловенските просветители Свети Кирил и Методиј на јавноста ѝ се обрати на македонски јазик, можеме да бидеме сигурни дека македонскиот јазик постоел, постои и ќе опстои.
Штета што овој историски настан го поклопи уште поисториското достигнување на Министерството за образование, кое соопшти дека на крајот на учебната година во јуни ќе има свидетелства. И дека овој „бенефит“ што го овозможува Владата ќе може да го користат учениците и од основните и од средните училишта.
Секој ден сè повеќе напредуваме кон ЕУ. Како во Југославија.
Целата колумна на горан михајловски на СДК МК






