Американски медиуми: Блинкен му рекол на Нетанјаху дека нема воено решение за Хамас

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен му рекол на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху дека нема воено решение за Хамас и дека израелските лидери мора да прифатат дека историјата ќе се повтори, објави Ен-Би-Си (NBC), цитирајќи анонимни американски функционери.

Нетанјаху, наводно, не бил воодушевен од она што го слушнал за време на неодамнешната посета на Блинкен на регионот на Блискиот Исток, пренесоа денеска агенциите.

Администрацијата на американскиот претседател Џозеф Бајден, наводно, е сè понезадоволна од израелскиот премиер и го отвора патот за влада по Нетанјаху. Како дел од таа стратегија, Блинкен се состана поединечно со членовите на воениот кабинет на Нетанјаху и со други израелски лидери, вклучувајќи го и опозицискиот лидер Јаир Лапид.

„Високите претставници на администрацијата признаа дека „возвишените надежи“ на Бајден за преобликување на Блискиот Исток сега се нераскинливо поврзани со формирањето на палестинска држава“, објави американската ТВ мрежа.

Таа додаде дека „како резултат на тоа, висок функционер на администрацијата призна дека аспирациите на претседателот за одржлив регионален мир ќе мора да чекаат на влада по Нетанјаху“.

Back to top button
Close