Амнести интернешнл: Пресудата против Кавала и другите е поразителен удар за правдата

Меѓународната организација за човекови права Амнести интернешнл денеска соопшти дека турската пресуда против бизнисменот и борец за човекови права Осман Кавала и другите обвинети е катастрофален удар за правдата и човековите права.

Директорот на Амнести интернешнл за Европа, Нилс Муижниекс, рече дека судската одлука ѝ пркоси на логиката и оти властите повеќе пати не обезбедиле докази за да ги поткрепат неоснованите наводи.

– Оваа неправедна пресуда покажува дека судењето за Гези беше само обид да се замолчат независните гласови, истакна тој.

Турски суд денеска го осуди бизнисменот и активист за човекови права Осман Кавала на доживотен затвор, прогласувајќи го за виновен за обид за соборување на владата преку финансирање на протести низ земјата во 2013 година.

Кавала (64) е во затвор четири и пол години без пресуда и ги негира обвиненијата против себе и 15 други обвинети за протестите во Гези, кои започнаа како мали демонстрации во паркот во Истанбул и прераснаа во антивладини немири низ земјата во кои беа убиени осум демонстранти.

Судот осуди уште неколку обвинети на 18 години затвор за помагање во обид за соборување на власта.

Судот, исто така, соопшти дека одлучил да го ослободи Кавала од обвиненијата за шпионажа поради недостиг на докази.

Back to top button
Close