Анализа: Дали имаме малку, или многу давачки од платата?

Во европските земји, обично, кога се зборува за месечните примања, се мисли на бруто-плата. Тоа е она што, всушност, го добива работникот. Затоа, на пример, ако се отворат основните статистички податоци на Словенија, првичниот податок е бруто-заработувачката, а потоа може да се пребарува колку е нето-платата. Од таа разлика меѓу бруто и нето, најмногу важност има пензискиот придонес кој еден ден ќе ја дефинира идната пензија на секој што работел и кој издвојувал од својата заработка, независно дали тоа го правел сам – ако е некој самостоен трговец, или во негово име и за негова сметка го издвојувал работодавачот. Во некои земји, секако, важни се и здравствените придонеси и работниците имаат различни здравствени пакети, од основни до луксузни. Кај нас тоа е исто за секого, без оглед на издвојувањето, или како што вели една стара поговорка: „Јал не јал – три и пол”. Ова особено ги боли оние кои имаат високи плати, па во апсолутен износ плаќаат големо здравствено осигурување, но потоа ги добиваат истите услуги, како и оние со минимални плати.

Во 2024 година во пресметките на бруто-плата влегуваат пензиското осигурување од 18,8%, здравственото од 7,5%, осигурување во случај на повреда и професионално заболување – 0,2% и осигурување во случај на невработеност од 1,2%.

Задолжително осигурување во 2024 година

Порталот „Пари” направи анализа на задолжителното осигурување во регионот. Се обидуваме да одговориме на прашањето, дали парите што се издвојуваат кај нас се многу или малку во однос на околните земји? Бидејќи секоја земја има свои правила на игра во однос на основица, даночни ослободувања, направивме споредба на нето и бруто-платите. Во бруто-платите, покрај задолжителните придонеси влегува и данокот на личните примања, кој кај нас е 10 проценти.

„Пари” веќе ги анализраше нето-платите во регионот (https://pari.com.mk/pari-analiza-kakvi-se-prosecnite-plati-vo-zemjite-od-poranesna-jugoslavija/), а и бруто-износот ја следи нивната судбина, па највисока бруто-плата имаат Словенците, но најниската е во Босна и Херцеговина, иако има повисока нето-плата од Македонија.

Просечни нето и бруто-плати во регионот во јануари (во денари)

Од овие податоци може да заклучиме дека постојат големи осцилации меѓу нето и бруто-платата, а тоа најдобро се гледа како процентуална разлика. Односно, колкав процент треба да се додаде кон нето-платата за да се добие бруто-платата. Пресметките покажуваат дека од Македонија само Словенија има поголема процентуална разлика од просечната нето до просечната бруто-плата. Така, во Словенија таа разлика е 56,7%, па потоа е Македонија со 50,1%, Босна и Херцеговина со 40,8%, Србија со 37,8%, Хрватска со 36,7% и Црна Гора со најмал распон од 27,8%

Разлика од нето до бруто-плата во јануари

Во Македонија пресметките на процентите на придонесите се вршат на бруто-плата. Односно, пензискиот придонес нема да се пресметува, на пример, на нето-износот од 39.542 денари, туку на бруто-износот од 59.362 денари. Потоа, од бруто платата се вадат придонесите, па има лично ослободување, по што се доаѓа до основицата за пресметка на персонален данок. Конечната пресметка е:

бруто-плата – придонеси – персонален данок = нето плата.

Од самиот начин на пресметка многу зависи крајниот резултат. Затоа, на пример, иако стапките во Србија се повисоки, процентуалната разлика од нето до бруто-плата таму е помала отколку кај нас. Во Србија, задолжителното пензиско и инвалидско осигурување е 24%; задолжителното здравствено осигурување е 10,3%; а осигурување во случај на невработеност е 0,75%.

 Целата анализа е достапна на следниот линк: https://pari.com.mk/od-makedonija-samo-slovenija-ima-pogolema/

Back to top button
Close