ТВ24: МВР се уште не ги доставиле на Обвинителството видеоснимките од надзорните камери за “шпионската афера“ во Вила Водно

МВР се уште не ги доставиле видеоснимките од надзорните камери од претседателскиот кабинет клучни во истрагата за шпионската афера во Вила Водно, потврдија од ОЈО ГОКК за Телевизија 24. Повторуваат дека истрагата ја отвориле кон крајот на минатата година поради анонимна кривична пријава потпишана од „група вработени во МВР“, во која се тврди дека постојат сомнежи за копирање, користење и праќање на податоци од претседателскиот кабинет кај странски служби.
ОЈО ГОКК: Нема ништо ново во предистрагата за шпионската афера. Видеоснимките не се доставени.
Телевизија 24 испрати прашања и до МВР за тоа кога ќе ги достават доказите до Обвинителството за гонење на организиран криминал но оттаму не добивме одговор. Освен видеоснимките, МВР до ОЈО ГОКК треба да ги достави и резултатите од анализата на податоците што биле прибрани од компјутерската опрема во Вила Водно.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во телевизиско гостување пред неколку дена не даде конкретен одговор кога видеоснимките ќе бидат доставени до ОЈО ГОКК но рече дека е изненаден од начинот на кој се споделуваат информациите со јавноста. Според него, деталите од предистрагата не треба да се споделуваат со јавноста.
Претседателката на државата Гордана Сиљановска Давкова во телевизиско гостување рече дека безбедноста е на највисоко ниво и дека нема логичен основ за шпионажа.
Во анонимната кривична пријава поднсена од вработени од МВР се посочува дека под сомнение е ИТ-администратор во Кабинетот на претседателката, кој според пријаавта се осомничи дека копирал, енкриптирал и складирал доверливи податоци и бил поврзан со странска разузнавачка служба. Во пријавата се набројани и други функционери од Кабинетот и од Агенцијата за разузнавање, за кои имало сомнежи дека учествувале во прикривање на доказите, а се посочуваат и високи владини функционери.






