Јанев за „Крмзов“: Решително ја демонтираме политичко-криминалната структура која ја пљачкаше државата

Откако вчера МВР поднесе кривична пријава против струмичкиот бизнисмен Ристо Крмзов и уште 22 физички и 15 правни лица, кои се осомничени дека предизвикале штета на државниот буџет од над 94 милиони евра, директорот на БЈБ, Александар Јанев, вели дека конечно стигнала правдата.

-По децении на молк, страв и политичка заштита, државата започнува да го расчистува најтемниот дел од својата пост-транзициска ера. Со интегритет, решителност и координирано институционално дејствување, се иницира демонтажа на длабоко вкоренетата политичко-криминална структура која со години ја пљачкаше државата одвнатре, вели Јанев.

Директорот на БЈБ, додава дека години наназад, одредени бизнис елити, поврзани со политички и економски центри на моќ, потпомогнати од поединци вработени во државната администрација, создавале цел систем на недопирливост, монопол и влијание.

-Луѓе за кои беше јавна тајна дека делуваат во сенките на државата, штитени од врвот на политичко-бизнис пирамидата, денес конечно се повикуваат на одговорност. Тие не се само лица – тие се симболи на епохата на институционализирана злоупотреба, системско државно ограбување и уривање на правдата, вели Јанев.

Тој појаснува како биле злоупотребени над 94 милиони евра.

-Под маската на легален профит, преку фиктивни прикажувања на добивки и симулирано плаќање на даноци, се изведувал организиран поврат на ДДВ, конструирајќи трансакции кои никогаш не постоеле. Монтирани државни исплати потоа завршувале во приватни џебови. Првичните проценки се дека државата е оштетена за над 4 милијарди денари – средства што требале да завршат во здравство, образование, безбедност и инфраструктура, а не на приватни сметки и во луксузни имоти, појаснува Јанев.

Извор: Фокус

Фото: МВР

Back to top button
Close