Јаневска го поддржува протестот на студентите за јавниот превоз: Наставниците имаат разбирање за случувањата
Како Министерството за образование и наука може да помогне со изостаноците на учениците кои навреме не можат да стигнат во училиштата поради проблемите со јавниот градски превоз – ова прашање денеска ѝ беше поставено на министерката Весна Јаневска. Според неа, податоците од е-дневникот покажуваат дека нема значајна разлика на неоправдани изостаноци во споредба со изостаноците од периодот од минатата година.
Јаневска претпоставува дека учениците и родителите прават најдобро што можат за да стигнат до училиште, но и наставниците имаат разбирање за ова што се случува.
-Состојбата е многу лоша и срамота е во главниот град на Македонија да не им се овозможи на учениците да добијат соодветно образование. Искрено се надевам дека ќе се изнајде решение. Се надевам дека градските власти најсериозно ќе ја сфатат оваа ситуација, рече министерката и ги поддржа студентите за најавениот утрешен протест пред Град Скопје за решавање на проблемот со градскиот јавен превоз.
-Апсолутно се во право и имаат право на соодветен начин да го изразат револтот. Ако ова е единствениот начин за да најдат решение, јас ги поддржувам, истакна Јаневска пред медиумите