Јаневска: Никаде не брзаме и не е дефинитивна одлука, ќе дискутираме цела година за концепцијата
Не го разбирам револтот, очекував предлози, очекував наставни планови и наставни програми. Никаде не брзаме, ништо не е дефинитивно одлучено, имаме една година време за да ја донесеме концепцијата, изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска по реакциите за предложената концепција за реформи на гимназиското образование.
Одговарајќи на новинарско прашање, таа повтори дека се работи за нацрт-верзија, дека забелешките се внесуваат и расправата ќе продолжи, повикувајќи прашањето за концепцијата јавноста да го затвори. Како што рече, МОН има и премногу други запоставени работи покрај оваа концепција.
-Уште еднаш повторувам дека тоа е драфт-верзија, ставена во првиот момент на електронска јавна расправа. Добивме многу забелешки, сите ги внесуваме. Првично, од тоа што е побарано, гледаме дека ако ги исполниме сите барања, децата ќе имаат предмети за да останат на училиште по 10-11 часа. Оттука, јас ги повикувам сите кои сакаат да се вклучат во креирање на нова концепција да се вклучат. Никаде не брзаме. Имаме една година време за да ја донесеме концепцијата, истакна Јаневска на прес-конференција во МОН.
Таа ги повика партиите да се вклучат во креирање на концепцијата, но дека и без нивно учество таа ќе биде донесена затоа што, како што нагласи, мора да има промени за квалитетно образование.
-СДСМ и сите други партии уште еднаш ги повикувам да се вклучат во креирање на концепцијата, наставните планови, затоа што наставните програми секако ќе бидат модернизирани и, сакале тие да се вклучат или не сакале да се вклучат, подобро образование во Македонија ќе има, затоа што нашите деца тоа го заслужуваат. Прашањето на концепцијата овде го затворам, продолжува јавната расправа. Ние, како МОН, ќе се придвижиме, ќе ги посетиме, ќе ги слушнеме, ќе поразговараме со нив, но не е нешто што е дефинитивно одлучено. Јас тоа постојано го повторувам. Веројатно подучени од претходните власти, каде со декрети им се носеа одлуки, луѓето се веројатно исплашени. Но затоа тие сега веќе не се на власт. Сега има нова Влада која сака во дијалог и транспарентно да го сработи тоа што треба да се сработи, рече министерката.
Оттука, додаде таа, „со оглед дека ова Министерство има премногу и премногу обврски и запоставени нешта кои треба да се затворат, сметам дека јавноста треба да го затвори прашањето на концепцијата“.
-Ние и понатаму ќе дискутираме за концепцијата и конечно ќе ја донесеме. Подобро образование во оваа земја мора да има, без оглед кој ќе се вклучи и нема да се вклучи. Не го разбирам револтот, очекував предлози, очекував наставни планови и наставни програми. Но, разбирам, минатото нѐ следи сите нас. Продолжуваме цела година да дискутираме за концепцијата, истакна Јаневска.