Ангеловска-Бежоска: Извештајот на ММФ покажува висока транспарентност на Народната банка
На покана на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска ги презентира позитивните искуства од оцената на транспарентноста на Народната банка во согласност со најновите стандарди за транспарентност на ММФ. На настанот којшто се одржа во Обединетиот виенски институт учествуваа и експерти од ММФ и од Швајцарската централна банка, информираат денеска од Народната банка.
Оттаму додаваат оти НМФ во Извештајот за оцената на транспарентноста заклучил дека Народната банка практикува високо ниво на транспарентност. Ова, велат од Народната банка, придонесува за висока доверба на јавноста во оваа институција, за одржување на нејзината независност и за ефективноста на нејзините политики.
Осврнувајќи се подетално на состојбите во домашната економија, гувернерката Ангеловска-Бежоска ја истакнала позитивната повратна спрега од унапредувањето на комуникацијата и транспарентноста во работењето на Народната банка, што придонесува за зголемување на ефективноста во спроведувањето на макроекономските политики, како и на кредибилитетот на институцијата.
-Народната банка посветено работи на подобрување на транспарентноста, преку сеопфатна, јасна, поедноставена и навремена комуникација, којашто е основа за градење доверба и успешно справување со предизвиците во овој кризен период. Во изминатите неколку години постојано расте бројот на соопштенија за јавноста, којшто е повисок за 30% во однос на 2018 година, а бројот на јавните настапи на раководните лица на Банката е зголемен дури повеќе од 6 пати и тие се насочени кон различни целни групи. Централно место во оваа област зазема и финансиската едукација на јавноста, за што во 2022 година е формирана и посебна дирекција во Народната банка. Бројот на активности во оваа сфера постојано расте преку организирање работилници, обуки, предавања и издавање едукативни брошури за подигнување на нивото на финансиската писменост во земјава, истакнала гувернерката.
Зајакнувањето на транспарентноста го препознале и граѓаните, што се покажало преку анкетата спроведена од Светската банка, според која Народната банка ужива највисока доверба кај јавноста помеѓу домашните институции во земјава, што, како што се посочува во соопштението, е резултат на претпазливата монетарна политика којашто ја спроведува централната банка насочена кон задржување на стабилните инфлациски очекувања, стабилноста на девизниот курс на денарот и кон зајакнување на довербата во домашната валута.
-Но, довербата на јавноста се гледа и во ефективноста на спроведуваните монетарни мерки и мерките за задржување на финансиската стабилност, што редовно се бележи и во извештаите на Европската комисија, на Меѓународниот монетарен фонд и на други релевантни меѓународни финансиски институции, се вели во соопштението од Банката.
Гувернерката Ангеловска-Бежоска истакна дека централната банка ќе продолжи со натамошно унапредување на транспарентноста, којашто е една од петте стратегиски цели и во планот на Народната банка 2025-2027 година, во согласност со насоките од мисијата за оцена на усогласеноста на практиките на Народната банка со Кодексот на транспарентност на Меѓународниот монетарен фонд