Анима Мунди: Заменик директорот на „Македонија пат“ убил мечка заштитена со закон

Анима Мунди реагира денес со соопштение во кое стои дека заменик директорот на „Македонија пат“ и претседател на Унијата на ветерани во Демир Хисар, Сашо Дранго, гордо се фотографира со мечка што ја застрелал во декември 2024 година. Мечката е класифицирана како дивеч под заштита, што значи дека нејзиното ловење, прогонување или вознемирување е строго забрането.

-Фотографиите до кои дојде Анима Мунди покажуваат дека Дранго, откако ја убил мечката, ладнокрвно позира со неа како да е трофеј, што само го отсликува неговото болно хоби, за што говорат и неговите фотографии од убиени различни диви животни на социјалните мрежи.

Станува збор за човек, втор во хиерархијата во јавно претпријатие кој треба да биде пример за почитување на законите, а не сторител на кривични дела. Оттаму, се отвора прашањето дали Дангов е недопирлив за правдата само затоа што е политичар и колку пати го има извршено овој монструозен чин?

Според член 11 од Законот за дивечот и ловството, мечката е класифицирана како дивеч под заштита, што значи дека нејзиното ловење, прогонување или вознемирување е строго забрането. Дополнително, член 14 од истиот закон предвидува дека ловењето на мечката е трајно забрането, без исклучоци.Според член 228 од Кривичниот законик, ловењето на дивеч под заштита, како мечката, е казниво со затворска казна од една до пет години.

 

Потенцираме дека цивилизиран човек е само оној кој има почит кон сите живи битија, а не оној кој ги деградира нивните живеалишта, им упаѓа во животната и природна територија и наоружан до заби убива.Анима Мунди ќе поднесе кривична пријава против Дранго, и очекуваме негово разрешување од функцијата, бидејќи вршителите на јавни функции треба да бидат синоним за одговорност, отчетност и почитување на законите, наместо со пушки в рака да убиваат заштитени видови животни и притоа да не одговараат.Бараме законот да важи за сите и за овој злочин против природата во кој животот го загуби едно скапоцено животно да следува највисоката казна предвидена со закон, стои во реакцијата на Анима Мунди.

Back to top button
Close