Аргентина и политика: Десничарот Хавиер Милеи избран за нов претседател, ветуваше дека ќе ја запали централната банка
Би Би Си
Екстремно десничарскиот политички аутсајдер Хавиер Милеи победи во вториот круг од претседателските избори во Аргентина, земјата на светските шампиони во фудбал, според привремените резултати.Ривал на Милеи беше министерот за економија Серхио Маса.
Поранешниот американски претседател Доналд Трамп му честиташе на Милеи за победата, велејќи му: „Make Argentina Great Again!“ што е парафраза на предизборниот слоган на Трамп: Make America Great Again.
Изборите се одржаа во тежок економски момент за Аргентина, земја во која инфлацијата галопира и многумина едвај врзуваат крај со крај.
За време на кампањата Милеи изнесе голем број радикални предлози, вклучително и кревање во воздух на централната банка, а се чини дека тие им се допаднаа на многу гласачи кои сакаат промени.
Иако предизборните анкети предвидуваа тесен втор круг, Милеи ги изненади сите со победата со повеќе од 10 отсто, со преброени 90 отсто од гласачките ливчиња.
Според резултатите, Милеи доби близу 56 отсто од гласовите, а Маса само 44 отсто.
– Денес почнува реконструкцијата на Аргентина. Денеска почнува крајот на падот на Аргентина, рече Милеи во својот победнички говор пред приврзаниците во Буенос Аирес.
„На моделот на декаденција му дојде крајот. Нема враќање назад.
Аргентина ќе се врати на позицијата во светот која никогаш не требаше да ја загуби. Ќе работиме рамо до рамо со сите нации од слободниот свет за да помогнеме во изградбата на подобар свет“, рече Милеи.
Маса рече дека му се јавил на победникот за да му честита и истакна: „Очигледно резултатите не беа онакви какви што очекувавме“.
„Од утре целата одговорност за оваа земја е на новиот претседател“, додаде тој.
Никој не знае што всушност може да се очекува од Милеи, кој беше поврзуван и споредуван со поранешниот американски претседател Доналд Трамп и поранешниот бразилски лидер Жаир Болсонаро, Хавиер Милеи е непроверен.
Но, се покажа дека тоа е всушност еден од неговите адути.
Идејата за воведување на американскиот долар како официјална валута во Аргентина беше поздравена со голем аплауз од неговите поддржувачи.
Но, многу економисти сепак зборуваат за финансиска катастрофа.
Сепак, во земја каде што годишната инфлација сега е повеќе од 140 отсто и каде секој втор човек живее во сиромаштија, неговата победа докажува дека на Аргентинците им е преку глава од традиционалната политика и економската катастрофа.
Неговата победа значи дека тие се подготвени да пробаат нешто ново во обид да го подобрат својот живот.
Реакции во двете Америки: Кој честиташе
Реагирајќи на резултатот од аргентинските избори, Трамп на својата платформа Вистина објави: „Целиот свет гледаше! Многу сум горд на тебе“.
„Ќе ги свртите работите во вашата земја и навистина ќе ја направите Аргентина повторно голема!“.
Советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џејк Саливан, му честиташе на Милеи за неговиот избор „и на народот на Аргентина за одржувањето слободни и фер избори“.
– Америка со нетрпение очекува да изгради силни билатерални односи засновани на нашата заедничка посветеност на човековите права, демократските вредности и транспарентноста, напиша Саливан на социјалната мрежа X.
Лидерите на Јужна Америка исто така ја коментираа победата на Милеи.
Бразилскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва објави: „Посакувам среќа и успех на новата влада. Аргентина е голема земја и ја заслужува сета наша почит“.
„Бразил секогаш ќе биде за соработка со нашите браќа од Аргентина“, објави тој на X.
За време на кампањата, Милеи јавно ја критикуваше политиката на Лула и го означи како „тврдокорен комунист“.
Колумбискиот претседател Густаво Петро објави дека изборниот резултат е „тажен за Латинска Америка“.
„Неолиберализмот веќе нема предлог за општеството, не може да одговори на актуелните проблеми на човештвото“, објави тој на Х.
Сепак, чилеанскиот претседател Габриел Бориќ му честиташе на Милеи за победата, а исто така му честиташе на Серхио Маса за достоинствено признавање на поразот.
„На аргентинскиот народ му посакувам се најдобро и порачувам дека секогаш ќе ја имаат нашата почит и поддршка“, напиша тој на X.