Архитектите на илузиите

Макрон призна дека бугарското вето спрема Македонија е неправедно, но тоа само по себе не го решава проблемот, туку создава само илузија дека европските лидери не можат да се справат со него. Пишува Љупчо Поповски.

    

Заедничката фотографија на лидерите на самитот ЕУ-Западен Балкан на 23 јуни 2022Заедничката фотографија на лидерите на самитот ЕУ-Западен Балкан на 23 јуни 2022

Оваа недела беше навистина драматична и пренапорна. Во бескрајната шума на информации, наводни вистини, полувистини, документирани предлози, предавства, оптимизам, песимизам, бојкот, па не-бојкот, притисоци, пеглање на документи, работење на еден-два-три збора, шокантни поддршки и што уште не, беше тешко не само за обичниот набљудувач, туку и за проникливите аналитичари да откријат што навистина се случува зад сцената со таканаречениот француски предлог за кревањето на бугарското вето за Македонија. По дводневниот самит на ЕУ, самитот на Унијата со лидерите на Западен Балкан, одлуката на бугарското собрание да укине едно ефективно вето, а да постави друго, работите во петокот вечерта изгледаа понејасно отколку во понеделникот кога како чума се распространуваше наводниот конечен документ на Париз, а Владата беше притерана до ѕид да го отфрли. Или да падне.

Кога во петокот го напушташе дводневниот самит на ЕУ во Брисел, холандскиот премиер Марк Руте предвиде дека Бугарија и Македонија се блиску до изнаоѓање компромис за спорот. „Никогаш не е црно-бело“, рече Руте. Ден претходно Руте изјави дека проценува „50-60 проценти шанси за пробив следната недела“. Францускиот претседател Емануел Макрон го гласањето на бугарските пратеници рече дека француското претседателство со ЕУ ќе работи „во следните часови“ за да го преточи овој текст во договор на ниво на ЕУ.

Љупчо Поповски, автор на колумнатаЉупчо Поповски, автор на колумната

Бугарскиот парламент постави четири услови за кревање на ветото кои треба да бидат дел од преговарачката рамка – најважните се вметнувањето на Протоколот и бугарскиот став дека не признаваат македонски јазик. Во истовреме министерот за надворешни работи, Бујар Османи, постави две клучни точки – ако билатералниот Протокол остане во заклучоците на Европскиот совет и ако Бугарија не отстапи од тоа и од ставот за непризнавањето на јазикот, Македонија ќе ја отфрли одлуката на Брисел.

Повеќе од авторот: Кругот изгледа имал квадратура, oткриле во Софија

Кој создава илузии – Марк Руте, Емануел Макрон, Кирил Петков, Димитар Ковачевски, Христијан Мицкоски, сите ние заедно. Невозможно прашање да се одговори. Дали за тоа треба да го прашаме Александар Адам, главниот советник за Европа на претседателот Макрон, кој (според информацијата на претседателот Стево Пендаровски) бил главниот архитект на преговорите меѓу Софија и Скопје.

Османи вчера рече дека и кога биле во Брисел траеле преговорите. На една од фотографиите од самитот од Брисел го видовме Адам како седи зад неговиот претседател во вториот ред. Адам е во тимот на Макрон уште од почетокот на мандатот на претседателот во 2017 година. Тој е еден од неколкуте оригинални луѓе кои сè уште се таму. Пред да стане советник за Европа во јули 2020 година, откако Клеман Бон беше назначен во владата како европски министер, тој беше еден од замениците на Бон, фокусирајќи се на односите со Германија и Источна Европа.

Адам беше еден вид контролна кула во Елисејската палата за претседавањето на Франција со ЕУ. Тој служеше во француската амбасада во Берлин пред да се приклучи на Елисејската палата во 2017 година. Тој го разбира системот за градење политички мостови меѓу различни актери, дали во внатрешната политика или на меѓународна сцена, кој е туѓ на француската политичка култура, но клучен услов за играта во ЕУ.

Македонскиот премиер Ковачевски во разговор со францускиот претседател Макрон на самитот ЕУ-Западен Балкан на 23 јуни 2022Македонскиот премиер Ковачевски во разговор со францускиот претседател Макрон на самитот ЕУ-Западен Балкан на 23 јуни 2022

Нема „магична формула“

Дали тој беше главниот архитект за изграбата на илузијата дека француското претседателство ќе најде „магична формула“ (како што се надева новата словенечка министерка за надворешни работи, Тања Фајон) за да се крене бугарското вето со еден поднослив компромис меѓу Софија и Скопје, не е сосема јасно. Но сигурно има свој удел во обидот за извлекување на Макрон од политичката кал кога го стави шокантното вето за Македонија во октомври 2019. Дали, откако Петков беше под остри критики во Европскиот совет поради ветото, Адам го советувал Макрон да биде прецизен во неговите изјави за Македонија: „Дали е ова фер во однос на Северна Македонија? Ќе кажам многу искрено: не. Ова е и причината зошто ние колективно извршивме голем притисок врз Бугарија последниве месеци“, рече Макрон.

Дел од тој притисок беше и спектакуларната прес-конференција на Димитар Ковачевски, Еди Рама и Александар Вучиќ во Европскиот совет. Не беше главната вест што Макрон, Урсула фон дер Лајен и Шарл Мишел ја откажаа заедничката прес-конференција по самитот со западнобалканските лидери, туку тоа што тие ѝ го отстапија тој простор и време на тројката од Отворен Балкан. Па дури и стриминг сервисот на ЕУ тоа да го пренесува цело време. Тоа е навистина уникатен случај во европскиот протокол. Ковачевски, Рама и Вучиќ добија неверојатен прајм-тајм за нивните ставови, со неограничен број прашања, прво место во извештаите на западните медиуми од Брисел. Дали тоа беше договорено за да се изврши поголем притисок врз Петков и Софија? Можеби не е, но повеќе изгледа дека тоа беше дел компликуваната европска шема посредно да се изврши голем притисок врз Петков на почетокот од самитот на ЕУ. Така и се случи – европските лидери два часа расправаа околу она што го зборуваа тројцата балкански лидери, нивниот гнев, разочарување и „импотентност“ (Рама) на ЕУ во самото европско срце. Тоа навистина беше „инцидент“ без преседан. До 30 јуни ќе видиме дали и ова, всушност, не била илузија.

Лидерите на Албанија, Северна Македонија и на Србија, Рама, Ковачевски и Вучиќ на пресконференција по самитот ЕУ-Западен Балкан на 23 јуни 2022Лидерите на Албанија, Северна Македонија и на Србија, Рама, Ковачевски и Вучиќ на пресконференција по самитот ЕУ-Западен Балкан на 23 јуни 2022

Двајца актери во Скопје се соочија со илузиите кои изгледаа дека стојат пред нив. Димитар Ковачевски и Христијан Мицкоски. Едниот дека можеби премногу веруваше во Кирил Петков (и обајцата новајлии во највисоката политика), а вториот дека една од иконите во која што многу веруваа – Оливер Вархеји, брутално ѝ го сврте грбот на Македонија за да објави дека има огромно разбирање за бугарските ставови.

Изгледа веќе банално да се пишува за она што тогаш изгледаше како спектакл – посетата на Петков со големата свита на 18 јануари на Скопје. Инфраструктурни проекти, парламентарна соработка, авионска линија Софија-Скопје, туристички врски, студентски размени и штоти уште не. Од тоа сега нема речиси ништо. Магли и пајажини. Дали Димитар премногу му веруваше на Кирил и на неговиот нов пристап? Веројатно. Дали мислеше дека големата внатрешна политика и останувањето на власта за Петков ќе го поткопаат тоа ново пријателство? Можеби не. Дали откако Петков дојде со голема делегација во своевиден десант во Битола на отворањето на бугарскиот клуб беше почетокот на крајот на тоа ново пријателство? Веројатно да. Дали лекциите што вчера преку „Политико“ му ги испостави Петков на Ковачевски за тоа како треба да се однесува еден политичар значат крај на идејата дека двајцата премиери (едниот во оставка) можат да изградат партнерски однос? Сосем сигурно – да. Без оглед на тоа што ако Петков повторно стане премиер ќе мора да имаат комуникација. Овие настани за Ковачевски сигурно беа соочување со реалноста – дека раководење со влада не е ниту праволински ниту едноставно. Прашањето е дали од тоа може да извлече соодветна поука.

Премиерите Ковачевски и Петков за време на нивната средба во Софија на 24 јануари 2022Премиерите Ковачевски и Петков за време на нивната средба во Софија на 24 јануари 2022

Бесрамни лекции за „храброст“

Зачудувачки, Петков излезе да дели лекции за друг премиер за работи што самиот тој категорично откажа да ги прави и да преземе одговорност. Тој не сакаше неговата влада да преземе одговорност за францускиот предлог,  туку тоа му го препушти на бугарското собрание, а од Ковачевски побара да бил храбар и да го прифател компромисот од Франција, за кој рече дека ги одразува бугарските интереси, па макар и паднала македонската влада. Тој рече: „Да бев на негово место не би размислувал ни два пати“. Ова не е ни лицемерие – всушност и нема збор да се опише таквата препорака. Тоа не е само потег со кој ќе си ги подобри шансите на неговата партија на новите избори кои веројатно ќе следат во Бугарија. Тоа е толку „чудно“.

Сличното го искуси и Зоран Заев во односите со Бојко Борисов. Изгледа дека никој овде не може да го разбере тој ген во бугарското општествено ткиво кој се пренесува речиси кај секој учесник во тамошната политика. Вчера во бугарското собрание повеќе пратеници извикуваа дека „Македонија е бугарска“, што би бил основ за прогласување иредентизам, што ги надминува границите на говор на омраза. Овдешнава јавност го перцепираше лидерот на Демократска Бугарија, Христо Иванов, како некое разумно лице со кое би можело да се разговара за компромис од кој нема да страдаат двете земји. Кога вчера тој во собранието го претставуваше неговиот предлог за усвојување на француската рамка дополнета со четири бугарски услови, Иванов рече:

„Бугарија не го укинува ветото, туку ја засилува неговата моќ. Отсега па натаму, во секое време кога Северна Македонија не ги исполнува своите обврски не само во билатералните односи, туку и како кандидат за членство во ЕУ, ветото кое ќе им се наложи ќе биде со моќта на целото европско семејство кое столи зад Бугарија. Ако не го сменат својот устав, нема да видат преговори“.

Лидерот на Демократска Бугарија, Христо ИвановЛидерот на Демократска Бугарија, Христо Иванов

Кој ја градеше оваа илузија за Христо Иванов. Новинарите овде, оние што имаа многу чести контакти со бугарската општествена јавност, или самиот Иванов. Во крајна линија не е ни важно. Сето тоа, заедно со сенката на Кирил Петков, се струполи на земја. Но, најважно е никој од тоа да не прави драма.

Оливер Вархеји и драмата во вмровскиот штаб

Но една друга драма се се случи во вмровскиот двор кога нивниот омилен лик од пријателските басни – комесарот за проширување, Оливер Вархеји, застана целосно зад бугарските барања. Неговиот панигирик изразен преку твит во четвртокот: „ЕУ ги зема сите бугарски загрижености многу сериозно и тие сега се дел од преговарачкиот процес“, мора да ги оставил со прстот в уста вмровските првенци. Можеби се прашуваат – дали бевме премногу наивни кога толку многу го фалевме Вархеји, кога сите други, не овде, туку во Европа, велеа дека тој ја држи бугарската страна? Или тоа беше неопходно поради тоа што тој е претставник на владата која му ги овозможува сите удопства на нашиот крал во егзил.

Повеќе од авторот: Кога ветото се претвора во слабост

Можеби во вмровскиот штаб се сеќаваат на зборовите на Вархеjи од декември 2020 кога тој во Европскиот парламент директно побара Македонија да работела повеќе „за да излезе во пресрет на бугарската загриженост и да се обиде да дојде решение кое е целосно прифатливо за двете страни“. Уште тогаш Вархеји побарал од земјите-членки решавањето на спорот со Бугарија да стане дел од преговарачката рамка, што со индигнација било одбиено, пред сѐ од Германија, која тогаш беше претседавач со ЕУ. Ваква пристрасност на еден комесар за проширување не е забележена досега во Европската комисија. Ниту Оли Рен, ниту Штефан Филе, ниту Јоханес Хан не се осмелуваа да ја поддржат Грција во спорот со Македонија околу името, туку бараа само добра волја од двете страни да се надмине проблемот. Вархеји и тогаш и сега ја гледа патеката за надминување на спорот само кон прилагодување на Скопје на интересите на Софија.

Легитимно е опозицијата конфузијата околу францускиот предлот да ѝ ја припишува на владата, па и да бара оставки, но најсилниот удар за неа дојде од оној во којшто го ставаа на пиедестал. Уште во март 2020, кога се веруваше дека изборите ќе се одржат во април, Христијан Мицкоски за време на телевизискиот дуел со Зоран Заев, егзалтирано зборуваше за „големиот пријател на Македонија”, унгарскиот премиер Орбан и комесарот за проширување Вархеји. Тој индиректно навестуваше дека Вархеји работи по некакви упатства од Орбан за Македонија да доживее успех.

Еврокомесарот за проширување, Оливер ВархејиЕврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји

Сега гледаме како бил тој успех. Всушност, гледаме дека Оливер Вархеји, не се променил ни за јота од декември 2020. Дека нему, всушност му е важен успех по секоја цена затоа што досега нема ниеден (со кандидатскиот стаус на Украина и Молдова тој нема никаква врска). Кој беше архитектот на таа вмровска илузија околу Вархеји треба самите да се запрашаат – нивниот крал во егзил, нивниот голем пријател Виктор Орбан, некој трет? Кој и да е – за ВМРО-ДПМНЕ тоа изгледа како врз нив да е фрлена цела бочва студена сибирска вода.

Прашањето за крај е она што многумина го поставуваат – што после отфрлањето на францускиот предлог од премиерот Ковачевски? Сигурно дека Александар Адам и другите во Елисејската палата ќе продолжат да го калибрираат предлогот за да може да биде прифатен од двете страни до 30 јуни. Денеска шансите изгледаат многу мали, но кој би можел да знае што ќе биде во вторник.

Една работа е јасна, чешкото претседателство, кое почнува од 1 јули, го исфрли Западен Балкан од прироритетите. Шефицата на бугарската дипломатија, Теодора Генчовска, во комисијата за надворешни работи изјави дека францускиот предлог е многу прифатлив за Софија и дека не може да каже дали Чесите ќе се придржуваат кон него или ќе предложат нов. Или, пак, ќе се откажат од енергијата да го решат спорот. Многу губитници, ниеден добитник.

Љупчо Поповски

извор: ДВ

Back to top button
Close