Арсовска: Дали ќе има нафта за автобусите на ЈСП ќе ја прашате директорката на Бирото за јавни набавки
Дали ќе има повторно проблем со набавката на нафта за автобусите на ЈСП – Скопје и дали граѓаните нема да можат да го користат јавниот превоз зависи од директорката на Бирото за јавни набавки, изјави вечерва градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска.
Во емисијата „Само интервју“ на Канал 5 телевизија, Арсовска беше децидна дека иако таа е градоначалник на Скопје власта е во рацете на мнозинството во Советот што е предводено од ВМРО-ДПМНЕ. Според неа, немањето гориво за автобусите на ЈСП е поради политика и одговорноста треба таму да се бара.
– Постапката е отпочната на време. Направена е како што треба. Испочитувани се законските рокови, поминато е времето на жалба и на денот на склучување на договорот, доаѓа директорката на Бирото за јавни набавки и во првите управни контроли што ги прави, ја прави управната контрола и со целото свое знаење и одговорност што ја носи како директор на таа институција донесува одлука со која што ја поништува јавната набака знаејќи кои се реперкусиите од тоа што се прави, рече Арсовска.
За тоа зошто на тендерот се појавува само една фирма, градоначалничката вели дека може да посочи стотици други јавни набавки во кои се појавила само една компанија и не биле спорни.
-Се рабори за загубар со кој за да соработувате ќе треба да го издржите. Тој не може да ги плаќа и да ги сервисира обврските онака како што би ги плаќал некој кој што не е загубар. Второ, количините кои се трошат се огромни, рече Арсовска.
За тоа дали ќе биде доволна нафтата што Владата му ја позајми на ЈСП, градоначалничката вели дека ќе биде доволна ако не ја поништат повторно јавната набавка.
– Ќе се обратите кај директорката на Бирото за јавни набавки и ќе ја прашате која и е намерата при вршење управната контрола да поништи повторно набавка и кои се оние работи кои би требало да бидат исполнети како услови за таа да биде среќна и да не предизвика криза во Градот Скопје, која што понатаму ќе треба премиерот да ја решава на седница на Влада, одговори Арсовска на прашањето дали е можно повторно да нема автобуси следната недела.
Арсовска посочи дека на ЈСП не му се исплаќаат пари од Министерството за образование и наука за бесплатниот јавен превоз за студентите и средношколците и дека по тој основ долгот кон ЈСП во јануари би достигнал 10 милиони.
– Треба да излезат јавно и да кажат поддржуваат и субвенционираат студентски стандард и бесплатен јавен превоз за студентите или не. Тоа е едноставно просто-проширена реченица во која што треба да излезе одговорното лице и да каже ние како министерство од денеска натаму повеќе немаме намера ниту да платиме тоа што должиме ниту ќе го субвенционираме студентскиот стандард односно бесплатниот студентски превоз. Никогаш немало активен договор, изјави Арсовска.
Во однос на договорот постигнат меѓу советниците на ВМРО-ДПМНЕ со приватните превозници, Арсовска кажа дека таа повеќе пати ја дала нејзината поддршка за нивните барања. – Во секој случај одлуката не треба јас да ја наметнувам, треба да ја гледаат советниците и да ја носат во рамки на Советот. Сега потврдивте дека мнозинството односно власта во Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ утре ќе има седница и ќе носи одлука за која што веќе се договориле и за цената од 100 денари, рече таа додавајќи дека од тоа се гледа кој е власт во градот, кој носи одлуки и за колку брзо време може да се донесе некоја одлука доколку сака.
Арсовска, која неодамна кажа дека нема да се кандидира за втор мандат, смета дека ќе остане запаметена кај скопјани по тоа што успеала да реализира над 200 инфраструктурни проекти и над 800 проекти кои се од интерес на граѓаните и се дел од програмата за модерно Скопје.