„Јас сум координатор на 14 пратеници“ – Снопче го демантира Ќоку за поделба на пратеничката група9

Јас сум координатор на пратеничката група на ВРЕДИ која има 14 пратеници, а се друго се празни муабети, изјави за ТВ21 Халил Снопче, по вчерашната изјава на Беким Ќоку кој практично најави дека ќе формираат пратеничка група. Снопче повтори дека во Алијанса за Албанците не се размислува за посебна пратеничка група се додека од другите партии на ВРЕДИ не се одлучат да се одделат и формираат своја.

-Ако тие имаат пратеничка група од 9 пратеници треба тоа да го докажат, да направат таква пратеничка група, во овој момент нема таква пратеничка група. Ако тие направат нивна пратеничка група од 9 пратеници во тој случај по автоматизам ние ќе имаме сопствена пратеничка група од 5 пратеници. Меѓутоа до овој момент нема такво нешто. Во моментот вистината е дека јас сум координатор на пратеничка група на ВРЕДИ со 14 пратеници, изјави Халил Снопче од ВРЕДИ.

Вчера пак Беким Ќоку рече дека тој ќе биде координатор на 9 пратеници на ВРЕДИ, а останатите 5 кои доаѓаат од партијата на Таравари ги повика и натаму да соработуваат.

-Овој политички субјект сега има 9 пратеници но нормално дека се добредојдени и другите пратеници. Ние продолжуваме да имаме добри односи со пратениците на АА, бидејќи бевме заедно дел од една група, сме воделе заедничка битка во парламент, но и претходно. Пратениците се на мислење да останат антикорупција, анти криминалот и анти црната листа и тие пратеници се добредојдени да ја продолжат битката против ова криминогена структура, изјави Беким Ќоку од ВРЕДИ.

Сепак се поставува прашањето што доколку Таравари одлучи да ја напушти Владата. Снопче вели дека одлуката ја носат органите на партијата, а тоа секако ќе се почитува.

-Ние ќе поддржиме било каква заедничка одлука на Алијанса за Албанците каде што и ние имаме право на глас и право на сопствено мислење. Меѓутоа било каква одлука да донесеме петте пратеници на Алијанса за Албанците во оваа коалиција што ја имавме ние ВРЕДИ ќе стојат позади одлуките на партијата се разбира. Значи стопроцентно стоиме заеднички, нормално индивидуални мислења има секој член, следствено и секој пратеник може да има индивидуални мислења меѓутоа стопроцентно стоиме во иста насока, значи фактички сме унифицирани, изјави Халил Снопче од ВРЕДИ.

Разврската се очекува откако премиерот Мицкоски одржа средба прво со Таравари, а вчера и со тројцата лидери на ВРЕДИ, но засега не се соопштува што конкретно е разговарано (tv21.mk)

Back to top button
Close