Јасна победа на Унијата, АфД се нуди за коалициски партнер
Унијата (ЦДУ/ЦСУ) е јасен победник на парламентарните избори во Германија. Втората позиција, според прогнозите, ѝ припадна на делумно десноекстремната АфД. Социјалдемократите со историски најнизок резултат.
По околу три години владеење на т.н. „семафор коалиција“ (СПД, ФДП, Зелени), која се распадна предвреме, Германија е исправена пред промена на власта. Партиите на Унијата (ЦДУ/ЦСУ) и нивниот кандидат за канцелар Фридрих Мерц се јасни победници на предвремените парламентарни избори. Според АРД-прогнозата на Инфратест димап, Унијата освои 29% од гласовите. „Унијата победи на изборите“, рече генералниот секретар Карстен Линеман за АРД. „Луѓето сакаат политичка промена и тоа ќе се случи. Фридрих Мерц ќе биде новиот канцелар.“
АфД на второ место
АфД е еден од најголемите победници на овие избори. Екстремно десничарската партија може речиси да го удвои својот резултат од 2021 година и, според прогнозите на АРД, ќе достигне 19,5 отсто – рекорд за АфД на сојузно ниво. За првпат во својата историја, таа имаше жена кандидат за канцелар – Алис Вајдел. Таа во изјава за АРД зборуваше за „историски успех“. Нејзината партија е отворена за коалициски преговори со Унијата, вели Вајдел.
СПД падна на трета позиција
СПД доживеа дебакл и падна на трета позиција. 16-те проценти гласови на нејзиното конто се историски најнизок резултат за Социјалдемократите, односно одразуваат огромно губење на довербата на гласачите од нивната изборна победа во 2021 година, кога имаа 25,7 проценти.
Ова беше „многу горчлива вечер“ за СПД, оцени генералниот секретар Матијас Мирш за ЗДФ додавајќи дека е јасно оти Фридрих Мерц сега го добил мандатот да владее.
Зелените со мала загуба на гласови
Зелените се единствените од трите коалициски партнери во досегашната „семафор коалиција“ кои речиси го задржаа својот резултат од 2021 година. Со Роберт Хабек на чело тие стигнаа до 13,5 проценти освоени гласови
За третиот партнер во „семафор коалицијата“ – либералната ФДП, овие избори значат голема неизвесност и борба за влез во Бундестагот. Според прогнозата на АРД, партијата на Кристијан Линднер има само 4,9% гласови, а тоа значи дека нема доволно за да го мине прагот од 5% за влез во парламентот.
Неизвесно е и за Сојузот Сара Вагенкнехт, кој,според прогнозата, има 4,7% од гласовите.
Левицата може да здивне
Камбек во последна минута бележи Партијата на Левицата. Таа, во време кога многумина ја прогласија за „мртва“, успеа да стигне до 8,5% гласови. Тоа ѝ успеа со изборна кампања која стави акцент на социјалната праведност и хуманата бегалска политика. Освен тоа, Левицата со својата кампања на социјалните мрежи успеа да допре пред сѐ до младите избирачи (dw)