АУДИО: Нови снимки на Јутуб, Игор Јанушев и Миле Јанакиески договараат уништување на документи

Снимки од телефонски разговори меѓу носителот на листа на ВМРО ДПМНЕ во 4 ИЕ Игор Јанушев и поранешниот министер за транспорт Миле Јанакиески денеска беа објавени на Јутјуб каналот од „Обнова на режимот“.

На новите пет аудио „бомби” се слушаат гласовите на Јанушев и Јанакиески. „Бомбите“ се објавени на Јутјуб каналот “Обнова на режимот” под следниве наслови: „Јанушев 4 чартер летови за ДПМНЕ“, „Резервирајте ако треба и празен нека биде“, „Јанушев и Миле 190 илјади евра Бетон да плати“, „Цени да ги вратат недела попладне“ и „Уништување документи Игор Јанушев“.

Во една од снимките Јанакиевски прашува за некои документи, на што Јанушев му одговара дека средено е се, дека треба да бидат уништени документите.

Во снимките се слуша како тие разговараат за организирање на чартер летови од Тревизо и од Цирих. Соговорниците разговараат за цената на летовите кои ги организираат.

-Игор, вие резервирајте два авиони, ако треба вториот и празен нека биде, вели Јанакиески, а Јанушев му кажува дека тоа се плус 150 илјади евра.

Последниот разговор упатува на тоа дека „уништувањето на картите и документите“ се случува додека Јанакиески е сѐ уште член на владата на Никола Груевски. Односно пред мај 2015 година, кога тој поднесе оставка, во ист ден со тогашната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и директорот на УБК, Сашо Мијалков, набрзо по настаните во Диво Насеље во Куманово. Имено, Јанакиески, во телефонскиот разговор со Јанушев, кажува дека бил на две седници на комисии во Владата.

Во текот на викендот, исто така, беа објавени снимки од Јанушев и Јанакиески, во кои тие разговараат, меѓу другото, и за список на вработени во „Телеком“ кој бил пратен кај Жарко Луковски.

Back to top button
Close