Август со повисоски трошоци за живот од јули за 0,5 отсто
– Трошоците на живот во август во однос на претходниот месец забележаа пораст од 0,5 отсто, а цените на мало се зголемиле за 0,8 отсто, објави Државниот завод за статистика.
Според објавените порадоци пораст е забележан кај сушениот зеленчук, другиот конзервиран и преработен зеленчук за 0,7 отсто, млекото за 0,5 отсто, оризот за 0,4 отсто, пивото за 0,3 отсто, сирењето и урдата за 0,2 отсто.
Во август, исто така, пораст на индексите на трошоците на животот, е забележан и кај електричната енергија за 7,4 отсто, информатичката опрема за обработка на податоците за 1,6 отсто, фармацевтските производи за 1,3 отсто, гасот за домаќинствата, моторните возила за 1,2 отсто, одржувањето и поправката на сопствените превозни средства за 1,1 отсто, ткаенините за изработка на облека, услугите за рекреација и спорт за еден отсто, игрите, играчките и хобијата за 0,9 отсто, терапевтските помагала и опремата за 0,8 отсто, медиумите за снимање, канцеларискиот материјал и материјалите за цртање, накитот, часовниците и рачните часовници за 0,6 отсто, услугите за одржување и поправки на живеалиштето, другите услуги за опрема за сопствен превоз за 0,5 отсто, фотографската и кинематографската опрема и оптичките инструменти, електричните апарати за лична хигиена за 0,4 отсто, материјалите за одржување и поправки на живеалиштето, теписите и другите подни покривки, малите електрични апарати за домаќинствата, стоматолошките услуги, фризерските салони и центрите за разубавување за 0,2 отсто.
Намалување на индексите на трошоците на животот во август 2020 година, во споредба со претходниот месец, е забележано кај свежото и разладеното овошје за 2,7 отсто, свежиот и разладениот зеленчук освен компири и другите коренести производи за 0,6 отсто, месото, јајцата за 0,4 отсто, маслото и маснотиите за 0,2 отсто.
Намалување е забележано и кај обувките за 1,8 отсто, горивата и мазивата за сопствени превозни средства за 1,1 отсто, велосипедите за 0,9 отсто, облеката, градините, растенијата и цвеќињата за 0,6 отсто, течните горива за домаќинствата за 0,2 отсто.