АВМУ: Да се почитуваат највисоките професионални и етички стандарди при информирање за погребите на жртвите од пожарот во Кочани

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) ги потсетува медиумите, при информирањето за погребите на жртвите во трагичниот пожар во Кочани, да се придржуваат до највисоките професионални и етички стандарди.

– Известувањето треба да биде без сензационализам, задолжително треба да се почитува личната болка и жалост на семејствата, роднините и најблиските на загинатите и да се води сметка да не се придонесува за дополнително зголемување на вознемиреноста. Во оваа насока се и барањата од жителите од Кочани кои вчера се обратија директно до Агенцијата, како и преку социјалните мрежи, со апел медиумските работници да се држат понастрана за време на погребите и да не снимаат со дронови. Медиумите да внимаваат при правењето и особено при објавувањето снимки и фотографии, со цел да им дозволат на семејствата и родителите достоинствено и со почит да се збогуваат со своите ближни, соопшти денеска АВМУ.

Регулаторното тело оценува дека генерално, деновиве медиумите покажале висок степен на професионалност. Регистрирани се неколку случаи на емитување филмови и серии со забавна содржина, за што се доставени и претставки до Агенцијата, поради што посочуваат радиодифузерите да обрнат поголемо внимание при креирањето на програмската шема. Истовремено, нагласуваат дека важно е и класичната музика која се емитува да биде соодветна на деновите на жалост.

АВМУ воедно апелира до медиумите да им ја пружат потребната поддршка на нивните медиумски работници кои изминативе деновиве при извршувањето на нивните работни обврски се изложени на исклучителен стрес и, со тоа, на здравствени ризици.

Агенцијата претходно испрати укажување до медиумите да го усогласат своето работење со деновите на жалост што ги прогласи Владата поради трагедијата во Кочани. Посочи да се емитуваат/објавуваат содржини кои по својата медиумска функција одговараат на деновите на жалост. Музиката да биде од музички жанрови соодветни за денови на жалост, а емитувањето на забавните шоу програми, хумористичните емисии или играната програма од жанрот комедија да се одложат по нивното завршување. До завршувањето на деновите на жалост треба да се одложи и емитувањето реклами, односно сите форми на комерцијални комуникации. За време на деновите на жалост радиодифузерите се ослободени од обврската за емитување одреден процент домашна музика

Back to top button
Close