Јавниот обвинител демантира дека бил во судир на интереси, по обвинувањата на пратеникот Милошоски
Јавниот обвинител Љупчо Коцевски ги демантира наводите дека се нашол во ситуација на судир на интереси, по обвинувањата на пратеникот Антонио Милошоски за поврзаност на републичкиот обвинител Коцевски со Иџет Мемети и Наќе Георгиев.
-Ниту во наведениот, ниту во кој било друг предмет Јавниот обвинител на Република Северна Македонија не бил во ситуација на судир на интерес, велат од ЈОРСМ.
Во објавата на Фејсбук утрово, Милошоски ја искоментира спогодбата со Иџет Мемети и Наќе Георгиев и посочи дека е аргумент плус за разрешување на државниот јавен обвинител Коцевски.
Министерот за правда Игор Филков осврнувајќи се на предлогот за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, во интервју за МКД.мк вели дека негова оставка би била логичен и неопходен чекор за зачувување на интегритетот на правосудниот систем доколку е нарушена довербата или ако има доволно аргументирани причини за неговата одговорност.
Вели дека во однос на државниот јавен обвинител, неговата одговорност е клучна за правилното функционирање на правосудниот систем и довербата на граѓаните во институциите.
-Секое мислење од Советот на јавни обвинители е битно за оваа постапка, но важно е да се напомене дека Министерството за правда и Владата нема да се водат исклучиво од мислењата на еден орган, ако тоа значи дека се поддржуваат лица кои не го исполнуваат својот мандат на соодветен и професионален начин. Ако Советот на јавни обвинители даде негативно мислење за предлогот за разрешување на обвинителот Коцевски, тоа нема да значи дека постапката е завршена. Министерството за правда и Владата имаат обврска да ги преземат сите законски мерки и да го почитуваат процесот предвиден во Законот за јавното обвинителство, вклучително и можноста за покренување на постапка пред Собранието на Северна Македонија, посочи Филков